Груевски: Ќе се вратам, не сум дојден тука да живеам


„Побарав политички азил заради политички прогон од власта. Унгарските власти го разгледаа и по проверките и консултациите донесоа одлука дека постојат доволно докази и причини државата да издаде азил заради политилки прогон. Слободен сум, немам никакви ограничувања, не ми треба обезбедување. Во хотел бев сместен првите два дена, но не плаќав по илјада евра, како што дезинформираа одредени медиуми. Потоа ми помогнаа пријатели, бев поканет од нив и така го решив тоа прашање“, вели во интервју за Сител, екс премиерот, сега политички азилант во Унгарија, Никола Груевски, во првото свое обраќање во јавноста по бегството од земјата.
Груевски вели дека има многу посети од Македонија, но тврди дека нема никаков контакт со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, туку само со, како што ги нарече, партиски пријатели. Во овие два месеци колку што е во Унгарија вели дека не разговарал со унгaрскиот премиер Виктор Орбан.
„Еден ден ќе се вратам, не сум дојден тука да живееам туку да се засолнам од политички прогон. Неправедно сум осуден. Се борев на суд но видов дека сите апсурди се исполнети и треба да влезам во затвор, за нешто за што во друга земја не би се покренала постапка, што ми беше потврдено и од неколку адвокати тука“, вели Груевски. Бил решен, како што и претходно кажа во писмените објави на својот фејс бук профил, да оди во затвор, но по добиени информации дека ќе биде ликвидиран во затворот решил да ја напушти Македонија.
„Информациите за ликвидацијата ми беа од сигурни затворски извори. Не можам да кажам кој сакал да ја организира ликвидацијата бидејќи немам докази“. рече Груевски. Ја одбрал Унгарија затоа што била членка на ЕУ, што има независни институции и бидејќи е членка на НАТО.
Тој не им се лути на неговите поранешни најблиски соработници кои го осудија неговото бегство, меѓу нив Мицкоски, Јанакиески, Јанкулоска. Јанакиески, Божиновски, па и неговиот братучед Сашо Мијалков беа притворени откако тој избега во Будимпешта, па беше прашан дали чувствува вина поради тоа и дали е лут на некого од нив.
„Ни криви ни должни беа уапсени. Имав одредени информации дека Јанкиески и Божиновски биле ставени на список за притвор за „Талир“. Но, верувајте списоците за притвор не ги носи судот. Никој од нив не ме разочара. Луѓето се во тешка ситуација, под тежок притисок. Им се закануваше казна затоа што на власта и се случи ситуација која уште еднаш покажа дека е неспособна. Ја бива само за уцени, ниту за комонија нито за стандард, за ништо“, вели Груевски.
Во контекст на информациите дека Мијалков бил исклучен од ВМРО-ДПМНЕ поради влијание врз пратениците околу обезбедувањето двотретинско мнозинство за уставното редефинирање според Договорот со Грција и која била неговата улога во тоа, Груевски вели:
„Не сум вршел никакво влијание врз пратеници. Знаете како гласав јас. Не можам да им кажам да постапат спротивно. Се зборува дека Мијалков така постапил, но јас не видов такви докази до ден денеска. Ако има такви докази може некогаш ќе бидат презентирани“, вели Груевски, нагласувајќи дека не се меша во одлуките на партијата во која е почесен претседател.
Тврди и дека не ги организирал насилствата во парламентот на 27 април. „Никому такво нешто не сум му кажал, ниту пак наредил“, вели Груевски.
Околу шпекулациите дека наводно ќе добиел ангжаман во унгарската Народна банка, тој вели, дека засега не почнал да работи. Се прилагодува, како што нагласува, на состојбите, има многу состаноци и средби кои веројатно во иднина ќе резултираат и со некаков работен ангажман.