Груевски: Спомениците што ќе ги срушат, повторно ќе ги изградиме


Кога ВМРО – ДПМНЕ ќе се врати на власт, ќе ги врати и сите споменици што ќе ги сруши или дислоцира актуелната владејачка гарнитура, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Во третиот дел од интервјуто за „Република“, поранешниот долгогодишен премиер ги нарекува „забегани“ дел од глаасачите на СДСМ, одговарајќи на прашање околу најавите за „скорешно рушење или преместување на споменици, затворање на Музејот на македонската борба, преименувања на аеродроми и слични чекори“.

„Треба да знаат дека се што ќе срушат, разместат, затворат или преименуваат, ВМРО-ДПМНЕ, по враќањето на власт, ќе го врати во првобитна состојба. Само ќе ги трошат парите на народот за да си прават краткорочни политички поени пред нивните најзабегани гласачи и да демонстрираат сила. И ќе внесат нова омраза, конфликтност и поделеност. На што би личела ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе се врати на власт, да не ја исправи таа неправда направена затоа што некој сакал да лечи хирови или да удоволи на некоја соседна држава“, вели Груевски.
Вражањето на спомениците, според Груевски, ќе биде аманет на ВМРО-ДПМНЕ, како што вели, не заради некој инает, туку заради историјата, државноста и огромниот број патриоти во Македонија.

„Едноставно, враќањето на спомениците ќе биде аманет на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа на сите до еден. Еден долг кон нашите претци, но и еден одговор кон секој кој верува дека еднаш засекогаш може да се скрши кичмата на Mакедонците. Има и една добра работа во сета оваа луда атмосфера. Тие споменици, музеи, аеродроми кои ќе бидат срушени, разместени, затворени, преименувани, ќе добијат една своја пославна историја. Знаете, да постои споменик, кој подоцна друг го руши, тоа само по себе е историја и приказна која на споменикот и ликот на него му дава епски димензии за во иднина. Го прави многу пославен и позначаен од тоа што реално е“, нагласува Груевски.

Тој објаснува и како би се реализирало евентуалнот враќање во Скопје на спомениците што би биле преместени во други градови.

„Евентуално, кога ќе се враќаат од други градови разместените споменици, но само доколку жителите на тие градови и општини сакаат, може да се направи по уште една копија за нив, а оргиналот да се врати во Скопје на истото место. Бидејќи тоа се историски ликови кои заслужуваат да се во центарот на македонскат метропола, за да ги гледаат сите, и ние и туристите. Запомнете една работа: се додека во една земја се слават хероите, таа земја ќе раѓа нови херои. И обратно“, вели Груевски во интервјуто за „Република“.