Груевски со порака до кандидатите за негов наследник


Лидерот во оставка на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски им се обрати денеска, преку својот фејсбук-профил, на потенцијалните кандидати за негов наследник во партијата.

Тој апелира процесот на кандидирање и избор на лидер на престојниот конгрес во Валандово да помине во мирна и фер атмосфера. Во осумте точки наведени во неговиот статус, Груевски порачува дека кандидатите не смеат да се делат според нивниот сегашен статус и функција во партијата.
„Секој член на партијата кој влегува во изборна трка треба да добие ист третман, фер однос, еднакви шанси за преставување и максимална отвореност од секој делегат, ОК или МК во контекст на негово преставување. Не треба да има било каква привилегија за оние кои во моментот се на повисоки партиски функции, во однос на оние кои не се“, наведува Груевски.

Груевски апелира до кандидатите за претседател да не ја злоупотребуваат партиската инфраструктура за лобирање, особено ако се на високи функции во партијата, како и да не вршат притисок при собирањето на потписите.

„Никого од кандидатите не сум овластил да се повикува на моја наводна експлузивна поддршка, заради собирање потписи за подршка или гласање. Ниту еден мој соработник, пријател, роднина, колега или било кој сопартиец“, посочува Груевски.

Тој, меѓудругото, им посочува на потенцијалните кандидати дека имаат заеднички политички противник, а тоа, како што вели, е СДСМ.
„Да не заборавиме дека по 10 дена ќе заврши Конгресот и изборот на нов претседател, ќе треба да се погледнеме во очи, и секој на еден или на друг начин ќе биде потребен во натамошната политичка борба против СДСМ, а во целите за понапредна, постабилна и попросперитетна Македонија“, наведува Груевски во долгата порака до кандидатите за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ.