По оставката, Груевски на протест пред Кривичен суд


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и вечерва одржа протест пред Кривичниот суд во Скопје во знак на револт од притворањето на пратеници од оваа партија и други лица за учество во настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април годинава.

На протестот се приклучи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој не сакаше да коментира ништо дополнително по најавата дека ќе поднесе оставка пред органите на партијата, што ја даде во интервју за „Курир“.

Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ во обраќањето на протестот оцени дека на 27 април се бранел уставниот поредок на Македонија.

– Оние браќа и сестри кои сега се притворени и ги нарекуваат терористи, ја бранеа Македонија и го бранеа уставниот поредок – рече Андоновска, обвинувајќи ја власта дека ги распродава националните и државните интереси.

Нејзиниот сопартиец Игор Јанушев побара поддршка за протестите. Повикувајќи сите да ја тргнат политиката на страна рече дека е неопходна поддршка затоа што ова биле „судбоносни моменти за татковината“.

Претходно, како и во изминатите два дена, од 15 до 17 часот, активисти на ВМРО-ДПМНЕ блокираа крстосници во Скопје, кај Мавровка, помеѓу улиците „Васил Чакаларов“ и „Ангел Динев“ во Карпош и кај „Рампа“ во населба Кисела Вода.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат протести и блокади и за наредните денови.