Груевски се изнервира што влегуваме во НАТО


Поранешниот премиер Никола Груевски, сега азилант во Унгарија, веднаш по денешниот настан во Брисел, се јави на фејсбук од Будимпешта со честитка за потпишувањето на Протоколот за членство на Македонија во НАТО.
Во долго обраќање на ФБ, Груевски, всушност, ја нарекува актуелната влада „марионетска„, оценувајќи дека е срушен концептот „кој бараше правичност, фер договор и разумен компромис„.
-Македонија во спорот за името остапи речиси сѐ. Грција доби речиси сѐ. По оваа новонастаната ситуација, потребна е нова парадигма за името и идентитетот. Таа парадигма ќе биде основата на која по заминувањето на марионетската влада, новата влада и МНР ќе треба да направи нова доктрина, наведува Груевски во долгиот стаус на ФБ.
Во втората година од владееењето на Груевски, Македонија беше блокирана на патот кон НАТО, кога Грција не ја одобри поканата за нашето членство на самитот во Букурешт во 2008 година – потег на кој влијаеа и политиките на антиквизација и на затегнување на односите со соседите што ги водеше тогашната македонска влада. Периодот што следеше потоа помина во знак на назадување на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, сѐ до почетокот на разговорите за надминување на спорот за името меѓу актуелните влади во Скопје и во Атина.
-Не е тајна дека низ целото мое работење во политиката, од почетокот до денес, сум отворен поборник на членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Разликата со СДСМ е што несакав тоа да се случи на ваков начин, со ваков понижувачки и штетен договор, со целосно предавање на тешко и крваво стекнатото, па потоа со години да се бориме да ја поправаме штетата со сите ризици во таа намера. Но, надвор од тоа, сметав и сеуште сметам, дека местото на Република Македонија недвослмислено е во НАТО и ЕУ, наведува меѓу другото Груевски.