Груевски не сака да остане


Не е игра, досегашниот лидер Никола Груевски дефинитивно заминува од претседателската функција во партијата и неговото место го меркаат четири кандидати“, брифираат високи партиски извори од најголемата опозициска партија. Тие тврдат дека нов прв човек ќе се избере на 23 декември, кога е закажан партискиот конгрес. Признаваат дека во моментов е тешко да жонглираат меѓу членството кое бара радикализација, меѓународната заедница, која бара помека политика и албанската страна, која бара целосна усогласеност со нивните барања. Според нив, претстои тешка битка за консолидација на партијата која од целосен контролор на процесите во државата се сведе на чинител што собира едвај две илјади луѓе на протест против масовните апсења на нивните членови.

Нашиот статус предвидува дека делегатите на партијата ќе одлучуваат за исходот доколку претседателот даде оставка пред да му истече мандатот. Теоретски можно е, во конкретниот случај, да не му дадат дозвола на Груевски да си замине предвреме, односно да инсистираат тој да продолжи да биде наш лидер. Но таквата солуција, сметам, дека не е можна само од единствена причина: тоа не го сака самиот Груевски. На седницата на која ја објави оставката рече дека си заминува дефинитивно, ќе цитирам: ‘Ова е не е игра, дефинитивно си заминувам. Ако е возможно да се заобиколи процедурата и да не се свикува конгрес, веднаш да видиме кој ќе може да ме наследи’“, тврдат за „Независен весник“ челници на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие брифираат дека е донесена одлука за молк кон медиумите кога се во прашање внатрепартиските битки за лидер, поради што одбегнуваат да говорат со име и презиме. Оставката на Груевски, според нив, е очекуван расплет на состојбите што изминативе три години се случуваа на македонската политичка сцена. Недоволната решителност и непринципиелност, според нив, доведе до состојба да се изгуби апсолутната власт, и не само тоа, да се доведе партијата во ситуација на неважен следбеник на политичките случувања во земјава. Во моментов, според нашите извори, постојат четири имиња што ја најавиле кандидатурата за наследник на Груевски.

Тоа се Христијан Мицковски, Никола Тодоров, Илија Димовски и Антонијо Милошоски, додека Влатко Ѓорчев не е во игра. Да, постојат можности да се пријават и други кандидати, но ‘реформаторите’ или Георгиевски не се сериозна опција. Меѓу четирите споменати имиња треба да се бара новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ“, оценуваат нашите соговорници.

Ниту една кандидатура досега не е јавно објавена бидејќи централниот одбор на партијата ќе заседава идната недела. Тогаш треба да се очекуваат и првите официјални кандидатури. Членството не очекува ниту ‘љубов и разбирање’ ниту ‘војна и омраза’ меѓу кандидатите. Свесни се дека ги очекува тешка битка за консолидација.

Ќе биде потребно време да се смири партиското членство, да се врати довербата во јавноста и да се придобијат медиумите. Политиките што ги води актуелната Влада дефинитивно ќе ни помогнат во тоа бидејќи народот гледа дека се целосно изгубени, грешки прават од ден во ден и тоа нема да трае долго. Проблемот во моментов е кај нас, а потоа и во нашето позиционирање, оти не е лесно да се најде средина меѓу желбите на нашето членство, кое бара радикални чекори, меѓународната заедница, која бара да бидеме помеки и Албанците, кои бараат да бидеме нивни. Сепак, доколку следните избори бидат во 2020 година, верувам дека ќе успееме да се исправиме на нозе и да ја вратиме власта“, уверуваат извори од ВМРО-ДПМНЕ на „Независен“.

Кога е во прашање наводното заминување во Париз на финални разговори за прашање за името и шпекулациите во јавноста дека за таму е потребен и Никола Груевски, нашите соговорници од врвот на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека не постои таков план и оти сето тоа е пробен балон за медиумите.

Горан Адамовски