Груевски негира вина за „шамарите“ во Центар


Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, кој е првообвинет во случајот „„Насилство во Центар“, на денешната главна расправа во Кривичниот суд се изјасни за невин по обвиненијата што против него ги поднесе СЈО.

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, исто така, се изјасни за невин, објаснувајќи дека ниту нешто сторил, ниту за нешто се чувствува виновен. Вина не чувствува ни пратеничката Даниела Рангелова која во време на настаните беше советничка во Општина Центар. Како виновен се изјасни Томислав Лазаров, тогашен координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар. Рече дека се чувствува виновен и оти од оваа временска дистанца длабоко се кае. Главната расправа продолжува со изјаснување на другите обвинети. Вкупно во овој случај се обвинети 14 лица.

Претходно, како што објави МИА, адвокатите на обвинетите бараа одложување на главната расправа. На почетокот на судењето седмообвинетиот Димче Крстев побара одложување на судењето затоа што не се чувствувал добро. Тој утрово беше стражарно приведен затоа што отсуствувал на минатото рочиште. Судијката Михајлова го ослободи Крстев од денешното судење и на барање на обвинителката Фатиме Фетаи ја издвои постапката за него, со цел денеска да започне главната расправа, по што Крстев си замина од судницата. На барањето за раздвојување на предметот се противеше одбраната на обвинетите и побара одлагање на судењето.