Груевски му составил листа на Мицкоски: Кој е „избришан“, а кој влегува во ИК на ВМРО-ДПМНЕ


Поранешниот премиер Никола Груевски замина од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, ама останува во новиот раководен тим на партијата, според неофицијалните информации што доаѓаат оттаму пред најавениот избор на извршниот комитет. Очекувањата се дека во најтесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ ќе влезат некои од досегашните функционери, повеќе нови имиња, но и личности што во последните години не беа многу политички активни. Затоа, пак, неофицијално, се најавува „чистка“ на дел од кадрите што бараа одложување на вонредниот конгрес во Валандово, а потоа го прогласија за нелегитимен изборот на новиот лидер. Меѓу нив има повеќе пратеници, така што прашање е како нивното изземање од раководните структури ќе се одрази на функционирањето на пратеничката група, која го бојкотира моментно Собранието.
Како што се најавува, централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ би требало да заседава вечерва, за да го избере новиот состав на извршниот комитет, по смената на партиското кормило. Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е овластен да ги предложи членовите на ИК, деновиве ги правел последните консултации околу тоа кој да влезе, а кој да биде изземен од најтесното партиско раководство. Според наши информации, за тоа тој се консултирал со Груевски, но и со некои од поранешните партиски функционери, при што се споменува и некогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Речиси сите имиња што пред конгресот во Валандово се споменуваа како можни претенденти за наследник на Груевски, според неофицијалните информации, сега се избришани од списокот на предлози за членови на новото раководство. Во новиот ИК, најверојатно, ќе нема место за некои од најблиските соработници на Груевски во последните години, како што е доскорешниот водач на пратеничката група и долгогодишен пратеник Илија Димовски, кој се повлече од координатор веднаш по конгресот во Валандово, каде што и не се појави. Во тој контекст се спомнуваат и бившиот спикер Трајко Вељаноски и поранешниот шеф на дипломатијата и потпретседател на парламентот Антонио Милошоски. Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, наводно, како можни кандидати за влез во ИК се избришани и Борис Змејковски, еден од основачите на партијата, како и Нола Исмаиловска, која беше член на претходниот состав на ИК. Без партиска функција се очекува да остане и поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски, кој непосредно пред конгресот се повлече од сите партиски функции, но остана член на парламентот. Меѓу оние за кои се зборува дека нема да бидат вклучени во новиот ИК е и поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, кој подолго време е дистанциран од политичкиот живот, а на вонредниот конгрес гласаше „воздржано“ за изборот на Мицкоски.
Од друга страна, се очекува во раководните структури на партијата да останат пратениците Владимир Ѓорчев, кој е привремен координатор на пратеничката група – по повлекувањето на Димовски, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, Даниела Рангеловска, Ане Лашкоска… На место во новиот состав на ИК, наводно, може да се надеваат и некогашниот министер за образование Спиро Ристовски, кој беше меѓу организаторите на валандовскиот конгрес, ексградоначалникот на Скопје Коце Трајановски, портпаролот на претходната влада Александар Георгиев.
Како можни нови имиња, пак, се споменуваат Игор Јанушев, кој беше до неодамна директор на ЈСП – „Скопје“ и Орце Георгиевски од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Кисела Вода, кој, наводно, бил предлог на Груевски, а не се исклучува и можност во ИК да биде вклучен претставник на крилото кое бараше реформи во партијата, како и поранешни истакнати членови на ВМРО народна, со што се сака да се испрати порака на обединетост.
Покрај кадровските промени, Мицкоски најави неодамна и статутарни промени, согласно со принципите на партиите членки на Европската народна партија. Мицкоски рече дека ќе ја модернизира партијата и дека ќе ја засили нејзината функционалност. Новиот лидер треба наскоро да постави и нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ – функција што тој лично ја извршуваше во последните месеци пред заминувањето на Груевски од партискиот трон. Не се исклучува ниту можност да бидат именувани неколку потпретседатели на партија, како функции што се предвидени со партискиот статут, а што Груевски не ги пополнуваше повеќе години наназад. (А.М.М. – Г.А.)