Груевски му се враќа на банкарството?


Актуелниот лидер во оставка на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по завршувањето на политичката кариера планира да ѝ се врати на својата прва љубов – банкарството, тврдат негови блиски соработници.

Експремиерот, наводно, не сака да да има никаква допирна точка со политичките процеси и, од тие причини, воопшто не сака да се меша во внатрепатриската битка за негов наследник. Неговите соработници тврдат дека ќе чека разврска на судските случаи што против него ги поведе специјалното јавно обвинителство и по докажувањето невиност – целосно да се посвети на семејството и на банкарскиот сектор.

Никола Груевски (47) е дипломиран економист. Во периодот од 1995 до 1998 година беше директор на одделот за безбедност, планови и анализи на Балканска банка во Скопје, а потоа и управник од Македонија во Светската банка и во Европската банка за обнова и развој. Беше претседател и основач на Брокерската асоцијација на РМ (1998) и ја направил првата трансакција на македонската берза.

Кон крајот на 1999 година Груевски беше назначен за министер за финансии во владата на Љубчо Георгиевски. Негови реформи беа денационализација на национализираниот имот во периодот 1945-1990 година, данокот на додадена вредност (ДДВ), фискалните сметки и кампањата „Купувајте македонски производи“, брендирана преку логото со насмеано сонце.

(Г.А.)