Груевски до сопартијците: Не подлегнувајте на уцени


Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, утринава на својот профил на Фејсбук се обрати до матична партија и до пратениците и ги повика да не подлегнуваат на никави уцени. Тој ја споредува ВМРО-ДПМНЕ со државата и наведува дека партијата е последниот меч на одбраната на националните интереси.

„ВМРО-ДПМНЕ не смее да биде уценето. Ако ВМРО-ДПМНЕ е уценето, уценета е и Македонија. Кога ВМРО-ДПМНЕ е на колена, на колена е и Македонија. Но, и кога ВМРО-ДПМНЕ е силно и исправено, исправена и силна е и Македонија. Бидејки ВМРО-ДПМНЕ е „последниот меч“ на одбранта на државните и националните интереси на Македонија“ – пишува Груевски.

„Доколку од вас, било кој и на било кој начин, бара да направите и најмала остапка која би била на штета на државните и националните интереси, ставајќи го тоа во корелација со запирање или ублажување на политичкиот прогон против мене, како долгогодишен водач на ВМРО-ДПМНЕ и како нејзин почесен претседател и актуелен пратеник, ве молам без размислување, без ни малку колебање, одлучно да го отфрлите таквиот непристоен предлог“ – наведува Груевски.

Тој вели дека чесно ги водел државата и партијата, па порачува дека нема да дозволи да го скршат.

„Јас и мојата судбина, политичкиот прогон против мене, изживувањето и „лечењето“ лични фрустрации и суети со прогонот и малтретирањето на мене, етикетирањето без основ до ниво на жигосување, казнувањето без вина, сето тоа е второстепено и јас тоа ќе го истрпам, ќе го издржам, ќе се справувам и ќе се борам колку што можам“ – вели Груевски.