Груевски: Да запре политичкиот прогон, предложивме закон за амнестија


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски побара запирање на неправдите и на, како што рече, политичкиот прогон во земјава – во своето обраќање пред Владата, на вечерашниот протестен марш за поддршка на приведените за настаните во Собранието од 27 април.

Тој посети дека ВМРО-ДПМНЕ предложила да се донесе закон за амнестија на учесниците во настаните од 27 април.

– Се собравме заеднички да го искажеме нашето незадоволство од неправдите во Македонија од новата власт, која половина година дивее и нанесува многу неправди и многу штета насекаде. Со овој протестен марш сакаме да го изразиме нашето незадоволство од неправдите на оваа марионетска власт, а ги има многу, рече Груевски.

Тој упати и критики до политиките на Владата на Зоран Заев во економијата, надворешната политика, планот 3-6-9, апсирациите за влез во ЕУ и НАТО, кадровските решенија, образованието..

„На Македонија не и треба реваншизам и неправди. Народот бара подобар живот, повисок стандард, повисоки пензии, плати. Со сета осуда на насилството на поединци, со целосно сочувство кон оние кои беа физички нападнати или повредени, но земајќи ги во обзир грешните чекори на власта, ВМРО-ДПМНЕ предложи закон за амнестија на учесниците од инцидентот од 27-ми април 2017-та година и почеток на периодот за национално помирување. Затоа што овој реваншизам не не води никаде“, рече Груевски.

Пред присутните се обрати ќерката на поранешниот министер за внатрешни работи и поранешен директор на БЈБ, Митко Чавков, Зорица Чавкова, која изјави дека е горда на своето презиме и на својот татко.

– Каква и монструозна приказна и да измислат нема да го сменат тоа, јас сум горда на своето презиме, мојот татко не е терорист, не се терористи ниту неговите колеги кои долги години работеа во МВР се бореа за безбедноста на оваа држава. Не се терористи, ниту Игор Дурловски, ниту Борис Дамовски, ниту Богдан Илиевски, порача таа.

Околу 1.500 членови, пратеници и приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ се собраа пред Министерството за правда и се упатија кон Владата. Протесниот марш го предводеа Груевски и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски. Протестите на опозицијата продолжуваат утре – пред Министерството за правда.