Груевски веќе не е лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Конгрес на 23 декември


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски поднел неотповиклива оставка пред Централниот комитет на седницата која се одржа синоќа. Централниот комитет ја прифати оставката на Никола Груевски од претседателската функција.

Сто членови на ЦК гласале да се одржи вонреден конгрес за избор на нов претседател на 23 декември, еден бил против и десет биле воздржани.

Генералниот секретар на партијата, Христијан Мицковски изјави дека на седница на Централниот комитет одлучено е вонредниот Конгрес да се одржи на 22 и 23 декември во Валандово. Списокот на делегати е веќе објавен на интернет страницата на партијата.

Иако засега нема официјална потврда, најсериозни кандидати за челната позиција во ВМРО-ДПМНЕ, според партиски извори, се Христијан Мицковски, Никола Попоски, Антонијо Милошоски и Илија Димовски.
Генералниот секретар Мицковски, пред состанокот на ЦК потврди дека не е исклучена можноста тој да биде кандидат за партиски лидер.

Милошоски, пак, рече дека се уште не решил дали ќе се кандидира за наследник на Груевски. Според него е важно да има транспарентен конгрес.

– Помалку е битно новото име за претседател на партијата, повеќе е битен новиот концепт за делување на партијата како една здрава опозиција, истакна Милошоски.