Груевски бара да не оди во затвор оти пишува книга


Поранешниот премиер Никола Груевски пишува книга врз основа на докторската дисертација „Економските ефекти на различните видови меѓународни текови на капитал, со посебен осврт на Република Македонија“.

Ова од адвокатскиот тим го навеле како причина плус за одложување на двегодишната затворска казна на којашто правосилно е осуден експремиерот за незаконската набавка на луксузниот „мерцедес“, дознава „Независен весник“. „Не е вистина дека подготвува нов докторат, одлоложувањето е поврзано со развивање на истиот во книга“, велат извори за „Независен“.

Поранешниот претседател на Владата, Никола Груевски, стана доктор на науки во јули. Докторската дисертација распослана на повеќе од 300 страници околу еден час ја бранеше пред присутните членови од семејството, професори и новинарски екипи.

Груевски бара одложување на затворската казна поради обврските како пратеник и поради приватни обврски поврзани со неговиот докторат. Овие две причини се дефинирани во една од точките на Законот за извршување санкции: „Ако осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета најдолго за три месеци“.

Судија за извршување санкции има три дена да одлучи дали ќе ги прифати причините на Груевски, ако не, тој има право на жалба.
Адвокатите поднеле барање и до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата за случајот со луксузниот „мерцедес“ и барање за одложување на издржување на затворската казна.

Паралелно, се очекува до крајот на оваа работна седмица да се одржи седница на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања во однос на известувањето од Кривичниот суд за правосилната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Тенк“. (Ф.Ф.С.)