Груби: Жалам за Саздовски, ама немам врска со случајот


Пратеникот Артан Груби изразо сочувство до семејството и пријателите на Никола Саздовски-Саздо (21), кој почина откако брутално беше претепан на улица во скопската населба Автокоманда. Тој изразува жалење што „толку голема трагедија се злоупотребува на најканибален начин од страна на многу луѓе на социјалните мрежи, поттикнувајќи хистерични реакции и лажни вести“.

„Ниту политиката, ниту етничноста, а уште помалку јас или ДУИ имаме било каква врска со овој случај. Немојте да им го убивате младиот по втор пат на семејството за вашите политички потреби, оставете ја правдата да го каже своето“, пишува Груби на својот профил на „Фејсбук“.

Неговата реакција уследува по прозивките дека убиството го извршиле членови на навивачката група „Шверцери“ од Чаир, чиј што припадник беше и Груби.