Гремингер побара долгорочни структурни реформи


Премиерот Зоран Заев пред генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, ја потврди заложбите за продолжување на демократските процеси за кои се очекува да резултираат со полноправно членство на Македонија во ЕУ и НАТО.

„Ја потврдивме цврстата определба на новата влада за заштита на човековите права, функционирањето на правната држава и посветеноста на реформскиот процес. Работиме и ќе работиме согласно стандардите на Европската унија и на ОБСЕ во сите важни области за граѓаните и за државата, затоа што ја гледаме иднината на Македонија во ЕУ,“ изјави премиерот Заев.

Гремингер порача дека две причини се важни за денешната негова посета на Скопје на самиот почеток од неговиот нов мандат како генерален секретар на ОБСЕ, прво да и честита на Владата на Република Македонија, на граѓаните и премиерот Заев за надминување на политичката криза и за насочување на земјата на реформскиот процес и второ да ја потврди поддршката што ОБСЕ и ја дава на Македонија во спроведување на реформите важни за иднината на земјата, но и за мирот и стабилноста во Југоисточна Европа.

„Во моментот кога се реализираат реформите, сметаме дека важно е спроведувањето на долгорочни структурни реформи во области како што се владеењето на правото, медиумски права и слободи, полицијата и реформи во секторот за безбедноста, за кои сметаме дека се клучни“ – посочи генералниот секретар Гремингер.

Генералниот секретар на ОБСЕ Гремингер ги охрабри сите вклучени страни да работат заедно на зајакнување на демократските процеси и на враќање на довербата во државните институции, за кои рече дека треба да бидат транспарентни, отчетни и инклузивни за да се осигура просперитетна иднина за сите граѓани на земјата.

„ОБСЕ и институциите на нашата организација и нашата мисија во Скопје се овде да ве поддржиме и продолжуваме со партнерскиот однос што го негуваме во соработката со државните институции и поддршката на реформите во клучните области“ – истакна генералниот секретар Гремингер.