Гремингер: Мора да се врати довербата во институциите во Македонија


Враќањето на довербата во институциите, зајакнувањето на демократските процеси, како и овозможувањето независност на судството и владеење на правото…се приоритетите на кои треба да им се посвети македонската Влада, оценува генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер, во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
“Со меѓународна поддршка, вклучувајќи го и ОБСЕ, новата Влада мора да се концентрира на враќање на довербата во институциите и зајакнување на демократските процеси. Посебно внимание треба да се посвети на независноста на судството и владеењето на правото. Ја поздравуваме обврската на владата да работи на реформите во оваа област, но исто така сме свесни дека значителни промени не можат да дојдат преку ноќ. Одржливите реформи бараат силна политичка волја и одлучност за решавање на недостатоците“, Изјави Гремингер.
Тој беше деновиве во посета на Скопје, при што освари средби со претставници на Владата и на македонскиот парламент, како и со граѓански организации и медиумски здруженија. Во интервјуто за Радио Слободна Европа, генералниот секретар на ОБСЕ наведува две причини поради кои неговата прва посета во регионот е токму во Македонија.
„Во основа, јас сум тука од две причини. Да ги поздравам напорите на земјата во надминување на политичката криза и за продолжување, на она што изгледа како многу ветувачка реформска агенда. Втората причина, која е исто така важна, е да ја искажам подготвеноста на ОБСЕ, на институциите на ОБСЕ, но посебно на нашата Мисија тука во Скопје, да продолжиме да работиме во партнерство со институциите во поддршка на овие реформи“, вели Гремингер.
Тој ги нагласува посебно реформите во судството, во изборната администрација, професионализацијата на полицијата, зацврстување на медиумските слободи, како и зацврстување на улогата на парламентот.

Во врска со локалните избори, вели дека се одржале во конкуретна средина и демократска атмосфера и дека ОДИХР ќе издаде сеопфатен финален извештај, вклучувајќи препораки за понатамошно подобрување на изборниот процес.

За состојбата со медиумите во регионот и земјава, Гремингер посочи дека повеќе земји имаат проблем со независноста на медиумите и спроведувањето на постојните закони.
„Земјите во регионот имаат заеднички проблеми кога станува збор за спроведување на постојните закони, самоцензура, медиумска етика и саморегулација, придржување кон професионалните стандарди, медиумска писменост и безбедноста на новинарите.Понекогаш, постои и недоволна политичка волја за промовирање на медиумскиот плурализам и независност. Обидите медиумите да се стават под контрола се реални, и за жал, во некои случаи се успешни„, вели Гремингер.