Гремингер: Имате единствена можност за напредок


Успешното надминување на политичката криза и тековните напори за спроведување на владината реформска агенда нудат единствена можност за напредок, порачал генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, за време на дводневната посета на Скопје.

„Сите актери треба да ги здружат силите во зајакнувањето на демократските процеси и враќањето на довербата во институциите во земјата, воспоставувајќи ефективни механизми за контрола“, рекол Гремингер.

Тој ја истакнал потребата да се работи на долгорочните структурни реформи во областите како што се владеењето на правото, слободата на медиумите, демократското владеење, полицијата и безбедносниот сектор.Ги охрабрил исто така понатамошните чекори за градење на кохезивно општество и продолжување на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, ги поздравил напорите за зацврстување на добрососедските односи, вклучително и потпишувањето на договорот за пријателство со Бугарија.