Граѓаните заглавени во долгови, политиката нема слух


Ќе куртулат ли илјадниците семејства што се наоѓаат во незавидна социјална положба од натрупаните комунални долгови? Здруженијата на граѓани и синдикални организации со месеци алармираат дека неможноста да ги намират долговите од различни причини станува поле на најчести и најсурови начини за кршење на елементарните човекови права. Политиката засега нема слух.
Конфедерацијата на синдикални организации, здруженијата на граѓани „Човекот над профитот“, „Но пасаран“ и „Гласен текстилец“ ги врамија своите ставови во предлог-закон за отпис на долгови на физички лица кои произлегуваат од комуналните услуги, користени пред 31 декември 2014 година. Законот го доставија до Собранието, а паралелно најавија дека ќе побараат од Владата да достави препорака до јавните претпријатија за отпис на каматите на останатите заостанати долгови.
Според предлагачите, станува збор за над 85 илјади семејства кои плаќаат застарени долгови кои воопшто не треба да се плаќаат. Се простуваат оние долгови што настанале пред пет и повеќе години, барајќи решение во рамката што ја поставува Законот за облигациони односи. Предложениот закон се однесува за услуги со едногодишен рок на застареност.
„Со предлог-законот се предлага отпис на долгот на физичките лица кон комунални претпријатија, односно за сметките за струја, вода, топлинско греење, телефон… Недозволиво е во 21 век на луѓето да им се исклучува водата“, рече Глигорова од здружението „Човекот над профитот“, според која финансискиот прогон кон граѓаните мора да престане и оти 100 илјади граѓани плаќаат виртуелен долг поради што им е загрозен опстанокот.
На овој начин, според неа, би се олеснил буџетот на граѓаните и би се забрзал платниот промет.
„Ако ова се реализира, а се надеваме на разбирање од страна на пратениците, луѓето би можеле да размислуваат за редовно плаќање кон доверителите“, порача Глигорова.
Во европските или скандинавските земји, од кои најчесто се препишуваат македонските закони, додаде таа, не постојат извршители туку во случај кога граѓанин има неплатени долгови прв на врата му чука социјален работник за да го лоцира проблемот зошто не се наплаќа, а не извршител.
Здруженијата на граѓани обвинуваат и за незаконско антидатирање на сметките со користење судски печати од страна на јавните претпријатија, за што, како што велат, некој треба да понесе кривична одговорност.
Неодамна во Собранието неколку пратеници предложија законско решение со кое се предвидува отпис на каматите за наплата на долговите за кои има правосилна судска одлука или решение за извршување. Со тој закон се предвидува да се отпишат само каматите, но не и наплатувањата кон нотарите и извршителите.
„Овој закон многу се разликува од тој закон. Бевме присутни на јавната расправа на Комисијата за финансирање и буџет и тогаш укажавме дека не се согласуваме со тој закон. Тој закон овозможува тотален грабеж и се бара да се плати нешто што ние апсолутно тврдиме дека не треба да се плати“, изјави Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации.
Поради неможноста за плаќање на една сметка, загубена или несочувана, со години се станува класична жртва на должничко ропство. За масовноста на проблемот и потребата од решавање на истиот доволно говорат податоците од Комората на извршители и Народната банка.
Според годишниот извештај за 2017 година на Комората на извршители, во последнава декада се бележи фрапантен раст на поднесените барања за извршувања. Ако во 2007 година биле поднесени 30.098 барања, во 2017 година бројката изнесува рекордни 788.723.
И бројот на блокирани сметки рапидно се зголемува. Во 2008 година во декември, според податоците на Народна банка, биле блокирани 4.966 сметки, а истиот месец лани таа бројка изнесувала 188.500. Сепак, како што се напоменува во предлог-законот, бројот на сопственици на сметки е помал поради тоа што еден ист сопственик има повеќе сметки. Така, на пример, во декември 2017 година блокираните сметки биле во сопственост на 80.462 лица. Тоа значи дека биле блокирани исто толкав број семејства.
Наум Котевски