Град Скопје ќе го реконструира планинарскиот дом на Водно


Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска го посети планинарскиот дом на Водно, објект што на барање на планинарите ќе биде реконструиран.

„Градот Скопје на барање на планинарите одлучи да го уреди планинарскиот дом на врвот на Водно. Овој планинарски дом е викенд катче за голем број рекреативци, планинари и спортисти,  гордост на градот и едно од омилените места од кое Скопје може да се види како на дланка. Овој планинарски дом долго време беше оставен на грижата на извесен број ентузијасти од Планинарскиот спортски клуб Бистра и други љубители на планинарењето кои се грижеа за одржувањето на овој објект и покрај ограничените услови за негово нормално функционирање“, истакна Шилегов.

Градот Скопје заедно со градските претпријатија ги обезбедија основни услови за престој во планинарскиот дом. Конечно е решен проблемот со водоснабдувањето на домот, а во употреба е пуштен и новиот тоалет.

„Почнати се и активности за урбано уредување на просторот, поставени се клупи, маси, летниковец, изработен е детски парк, поставени се корпи за отпадоци.  Проектот за реконструкција на домот вклучува и комплетна реконструкција на кровот и двата ката и комплетно опремување на домот со цел подобрување на условите“, додаде Шилегов.

Шилегов во оваа прилика ги повика државните институции и компаниите со општествена одговорност да се приклучат во реконструкцијата на Планинарскиот дом со цел објектот на врвот на Водно да прерасене во спортско-рекреативен и културно забавен центар на граѓаните на Скопје, како и за сите домашни и странски туристи.