Градското зеленило во Скопје има 65.844 дрвја


Градското зеленило во Скопје има 65.844 дрвја од 174 различни видови, покажува првата фаза од изработката на Зелениот катастар, кој вчера го промовираше Градот Скопје. Во Градскиот парк, на булеварите и градските улици има и 28.395 грмушки од 177 различни видови. Проширувањето на податоците на Зелениот катастар ќе продолжи и годинава со попис на зеленилото во градските институции и училиштата, а во соработка со десетте општини ќе се регистрира и блоковското зеленило меѓу зградите и покрај општинските улици. Во последната фаза од пополнувањето на Катастарот ќе се евидентираат и дрвјата во приватните дворови.

Основна цел на овој проект е заштита на животната средина и подобрување на управувањето со јавното зеленило, истакна на презентацијата градоначалникот Петре Шилегов. Посочи дека со години наназад, како последица на градежната експанзија, а во центарот на Скопје како последица на проектот „Скопје 2014“, зеленилото во градот честопати било жртвувано на сметка на новите градежните објекти.

„Зелениот катастар треба да обезбеди прецизни и квалитетни податоци со помош на кои ќе може целосно да се спречи непотребното сечење или оштетување на дрвјата и целосното уништување на зеленилото за потребите на разни градежни активности, подобро планирање во насока на зачувување на постојното зеленило, поквалитетно одржување и ред други предности“, рече Шилегов.

Градот Скопје, вели градоначалникот, има 40 отсто помалку градско зеленило по глава на жител, споредено со европскиот просек.

„Зеленилото секогаш беше жртва на поинаков вид интереси, на градежната експанзија што ни се случи во центарот на градот. Несоодветен беше и третманот и заштитата и голем број од дрвјата се самоуништија и се исушија. Ние интензивно работиме на зазеленување на градот, што верувам дека сериозно ќе го дигне просекот по глава на жител и во догледно време ќе ги стигнеме европските просеци“, нагласи Шилегов.

Во текот на октомври и ноември лани снимени се 650 хектари зеленило во сите скопски општини. Според податоците на професорот Здравко Трајанов од Шумарскиот факултет, над 70 отсто од сите попишани дрвја се листопадни.

„Во текот на евидентирањето на дрвјата забележани се сите потребни податоци за нив, големина на стебло, на крошна, здравствена состојба, видот, висината, колку придонесуваат за апсорпција на јаглерод диоксид и производство на кислород… Сите податоци ќе бидат искористени за да се извлечат заклучоци кои се најперспективните дрвја за Скопје, кои треба во иднина најмногу да се дадат“, посочи Трајанов.

Во рамките на Зелениот катастар, кој Градот го изработува во соработка со УНДП, компанијата ГДИ изработи и ГИС-апликација за преглед и управување со јавното зеленило. Оваа интерактивна алатка ќе им биде првенствено од голема корист на ЈП „Паркови и зеленило“ кои ќе треба големо внимание да посветат на заштитата на постојното зеленило. Јавното претпријатие ќе треба континуирано да ја ажурира базата на податоци со дополнување на новото зеленило и новонасадените дрвја.

Апликацијата е јавна, а податоците за зеленилото може да ги види секој граѓанин на gis.skopje.gov.mk/zk. Преку апликацијата граѓаните можат да ги пријават и дрвјата во сопствените дворови. Тие ќе бидат евидентирани во Зелениот катастар откако екипи на „Паркови и зеленило“ ќе дојдат кај нив дома и ќе ги регистрираат.

Сања Наумовска