Градската болница „8 Септември“ вработува 60 медицински сестри


Градската општа болница „8 септември“ објави оглас за вработување на 60 медицински сестри на неопределено време.

Со тоа ќе се пополнува недостигот од средномедицински кадар, поради што четири хируршки сали и три одделенија се затворени речиси цела година. Најголем е недостигот од сестри инструментарки и сестри за анестезија, потребни кога се прават операции.

Ова е практично нов обид да се вработат медицински сестри, откако пропадна и претходниот оглас. Лани болницата не успеа да ги вработи тие што се пријавиле и ги исполниле критериумите, бидејќи Министерството за здравство не ги испрати навреме потребните тестови шаблони за оценка на кандидатите, потребни за тестот за стручно знаење што го полагаат медициснките сестри. Потоа истече и согласноста за вработувања од Министерството за финансии и огласот пропадна.

На актуелниот оглас се бараат кандидати со и без работно искуство, со средно медицинско образование и положен стручен испит. Рокот за пријавување е пет дена.

С.С.