Градоначалникот шверцер бил осуден и за друго дело


Градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, кога беше фатен со камион преполн со цигари бил на условна казна, осуден претходно за друго кривично дело.

Откако Апелацискиот суд во Штип му ја намали висината на затворската казна од 18 на шест месеци затвор, од судот во Струмица објаснуваат дека нивните колеги од повисокиот суд како олеснителна околност го зеле предвид тоа што Стојчев признал вина и тоа што кривичното дело било направено во обид, односно градоначалникот заедно со своето смејство не успеал да ги пренесе цигарите во Бугарија, бидејќи полицијата го фатила.
Како отежнувачка околност било земено тоа што Стојчев бил фатен при обид за шверц на цигари додека сѐ уште не му била измината условната затворска казна. Неофицијално, Стојчев бил осуден за даночно затајување, но оваа информација не е потврдена.

Токму поради ова, Стојчев не бил осуден на парична казна, туку на затворска казна од шест месеци. За кривично дело за кое се товари Стојчев, „обид за пренесување на непријавена стока“ е предвидена или парична или затворска казна, а кривичната рамка се движи од шест месеци до пет години.
Освен на градоначалникот на Ново Село намалени се и казните на неговиот син и внук од една година на три месеци затвор, а на петтообвинетиот, исто така, му е намалена казната од 9 на 3 месеци затвор.

Казната за сопругата на Стојчев, која беше осудена на една година условно доколку не го повтори делото во наредните две години, остана иста.
Градоначалникот на Ново Село и членови на неговото семејство беа фатени два километри пред македонско-бугарската граница како во две теренски возила превезуваат 33 илјади кутии цигари од марката „Калипсо“ во вредност од над три милиони денари.

Со казната од шест месеци затвор на Стојчев му се отвори законска можност, по отслужувањето на затворската казна, повторно да продолжи да ја води општината. Ова се предвидува со член 54 од Законот за локална самоуправа, каде се вели дека мандатот на градоначалникоти му престанува ако е осуден на казна затвор над шест месеци.

Сепак неизвесно е дали по три месеци Стојчев ќе се врати на градончалничката функција, бидејќи владечајката партија СДСМ, чиј член е Стојчев почнала постапка за негово исклучување од партијата и го повика да си даде оставка.

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија како одговорна и државотворна политичка партија се водиме од принципите на почитување на правото и на законите. Оттука го повикуваме Боро Стојчев да си даде неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на општина Ново Село. За нас, законите се закони и треба да бидат почитувани и од членството и од функционерите од било која политичка партија“, велат од СДСМ.
Градоначалникот ги потпишувал потребните документи за работа на општината во притворското одделение на струмичкиот затвор. (Ф.Ф.С.)