Го води ли Груевски ВМРО од Будимпешта?


Првите фотографии од експремиерот Никола Груевски во Унгарија отворија нови прашања во Македонија, меѓу кои најважното – ја раководи ли тој ВМРО-ДПМНЕ од Будимпешта? Планира ли Груевски да остане азилант, да избега трајно од органите на прогонот или подготвува терен за евентуално враќање на политичката сцена во Македонија? Според некои изјави од кругови блиски до опозициската партија, Груевски би бил кандидат за иден претседател, секако откако одново ќе му се наредат коцките околу политичките услови во Македонија. По завчерашната снимка направена од унгарски новинари, како тој руча во ексклузивен ресторан во Будимпешта, сепак нема информации кои се лицата со кои беше опкружен и кој би бил заедничкиот интерес да се сретнат и да разговараат.

Засега, она што е јасно е дека кога ќе се спомене името на политичкиот азилант и власта и опозицијата ги облева пот. Првите поради освежување на сомневањето во јавноста дека Груевски не можел така елегантно да избега без знаење на македонските безбедносни служби. Вторите, пак, поради тоа што се обидуваат да покажат дека новиот партиски лидер не е пион на неговиот ментор и доскорешен шеф, како што обвинува власта.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера ги упати новинарите одговорите за ваквите прашања – да ги побараат од самиот Груевски.

Треба да го прашате Груевски за тоа. Претпоставувам ќе ви даде соодветен одговор. Лично, како Христијан Мицкоски и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, немам коментар ниту знам кое е возилото или кој е шоферот“, истакна Мицкоски.

Тој немаше што да каже ни околу присуството на Александар Трајковски, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гази Баба, кој на експремиерот му прави друштво во Будимпешта, откако заедно беа на обвинителна клупа во случајот „Насилство во Центар“ на СЈО.

Немам сознанија дека некој од партијата се сретнал со Груевски. Да се фокусираме на решавање на реалните проблеми на граѓаните и да гледаме државата да оди напред, наместо да ги коментираме овие војарески клипови и реално шоу. Тоа ниту ќе даде вредност на квалитетот на животот ниту ќе направи нешто добро за државата“, рече Мицкоски, кој тврди дека досега немал никаква комуникација со Груевски.

Последната нивна средба се случи непосредно пред бегството, на која, како што оцени самиот Мицкоски, не добил никакви индиции дека подготвува такво нешто. Но, неофицијално меѓу опозицијата се шири информацијата дека речиси нема некој во партијата што го нема бројот на мобилниот на Груевски во Будимпешта.

Во Царинската управа вчера не потврдија официјално дека лицето кое го придружува Груевски на фотографијата е советникот во Гази Баба,Трајковски, оставајжи простор таа информација прво да им ја потврдат службите, за евентуално да преземат мерки, бидејќи пријавил лажно боледување. Одредени информации велат дека и други партиски членови му оделе на екслидерот на посета, но со какви цели и со какви инструкции, останува енигма.

Без оглед дали Груевски ќе престојува в затвор или, како сега. ќе престојува во друга земја неговото влијание во партијата е неспорно. Тој останува да ги влече конците за одреден дел од политиките“, смета реформаторот Петар Богојевски, кој неодамна беше разрешен од позицијата заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, „театарот продолжува со нова епизода – слики од Будимпешта“.

Јавноста и натаму очекува институционални одговори за тоа кој му дозволи на Груевски да избега и кога конечно ќе се утврди одговорност за еден од најголемите скандали во поновата македонска историја. Власта треба да објасни како можеше да се случи правосилно осудениот експремиер да замине под неразјаснети околности. И, дали воопшто планира да го воспостави принципот на персонална одговорност на јавните функционери“, вели Богојевски.

Отчетност и одговорност од функционерите што дозволија бегство на Никола Груевски веќе побараа 14 невладини организации. Тие ги посочија како одговорни Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање и Кривичниот суд за што се неопходни итни и темелни истраги за нивното постапување.Премиерот Заев неодамна изјави дека ги знае сите детали и дека целосно бил информиран од одговорните институции.

Кога ќе дојде време, јас и министерот Спасовски ќе ги кажеме сите детали од истрагата и за делот на внатрешната истрага на МВР и за делот на Јавното обвинителство. Законите во Македонија налагаат дека кога имате налог од Јавното обвинителство истрагата треба да заврши и потоа да бидат соопштени резултатите и ние тоа ќе го почитуваме“, рече премиерот Заев.

Истрагата се однесува на прашањето кој и како му помогнал на Груевски да ја напушти територијата на Македонија. Министерството за внатрешни работи кое не успеа да го спречи бегството вчера доби донација од САД. И покрај тоа што новинарите беа поканети на настанот не им беше дозволено да му поставуваат прашања на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за бегството. Одговор за истрагата нема ниту од Обвинителството. Оттаму само најавуваат дека во рок од 10 дена ќе имале појасна слика за бегството. (Н.К.)