Гинекологија Чаир сè уште функционира нормално


Трудниците можат да бидат спокојни, Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир функционира нормално, а гинеколошки и акушерски прегледи постојано се извршуваат. Од вторникот до средата биле направени над 100 прегледи, а биле родени 12 новороденчиња, велат за „Независен весник“ од болницата.

Јавноста се разбранува по најавата на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, дека ако во рок од 30 дена не се смени начинот на затоплување, кој во Гинекологија Чаир е на мазут, болницата ќе биде затворена. Дали ќе биде продолжен рокот за болницата да не биде ставена под клуч, засега е неизвесно.

„Градот Скопје ниту од Специјалната болница по гинекологија и акушерство ‘Мајка Тереза’ во Чаир ниту од Министерството за здравство не добил документ дека е започната каква било постапка за промена на системот на загревање“, рече Шилегов за „Независен весник“.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека постапката за промена на системот на затоплување во Гинекологија Чаир ќе ја почнат в петок. Се надева дека новата опрема за затоплување ќе биде поставена во најкус можен рок, а ако е потребно документацијата за промена на системот на затоплување ќе им ја достави во Градот. Доколку, пак, градоначалникот укажува на документација од почетокот на тендерската постапка, ќе му ја достават од Министерството за здравство до петок.

„Сè што треба Министерството за здравство да достави до Град Скопје ќе биде доставено. Во вторникот, за време на посетата на болницата, беа присутни претставници од инспекторатот кои укажаа што треба да се направи, во смисла на проверка на густиот црн чад што излегуваше од оџаците. Објаснија што било причината за таквиот дефект што, пак, се средил непосредно по интервенцијата на службата за сервисирање. Имав и телефонски разговор со градоначалникот Шилегов и му посочив до каде е Министерството со процедурата за промена на системот на затоплување. Постапката ја почнуваме и се надевам во најкраток можен рок, до петок, согласно тоа што е пропишано во законите, таа ќе се заврши и ќе може да ја инсталираме опремата во Гинекологијата. Доколку е потребно, подготвени сме уште денес (среда) да ја доставиме документацијата до Град Скопје, а доколку е потребна документација која укажува на почеток на постапката до петок. За промена на системот на загревање издвоени се 12 милиони денари“, истакна Филипче.

На Инспекторатот за животна средина при Град Скопје од Гинекологијата им било кажано дека дефект на котелот имало еден-два дена, но сега проблемот е саниран и дефектот е отстранет. Од Инспекторатот додаваат дека котелот сега функционира нормално и дека од оџаците не излегува густ црн чад.

Инаку директорот на болницата Башким Исмаили повеќе од три години барал да се смени начинот на загревање на болницата. И лани пуштил известување до институциите за начинот на загревање на болницата додавајќи дека преку печките се загрева и водата која е неопходна за родилките, бебињата и здравствените работници. Планот и проектот за целосна замена на печките на мазут со нови котли за гас до Министерството за здравство ги испратил уште лани и сè уште чека да биде објавен тендерот. Потенцираше дека се прави редовен сервис на котелот, ама се плаши од поголеми хаварии бидејќи нема резервни делови, оти системот за греење е од 1965 година, односно откако постои болницата.

Во болницата годишно се раѓаат околу 4.000 бебиња, а лани имало 4.132 новороденчиња. Меѓутоа, загрижен е дека со ваква пропаганда, како што вели, околу начинот на загревање и можноста болницата да биде затворена, ќе се намали бројот на раѓања. Додава дека во болницата само во 2018 година се извршиле вкупно 15.872 гинеколошки и акушерски прегледи.

 

Вероника Мароска-Леова