Георгиевски: Нови избори може да не доведат во ќор-сокак


Претседателот на Народна партија и поранешен премиер Љубчо Георгиевски посакува СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да најдат заеднички јазик и да се влезе во измени на Уставот и решавање на проблемот од Договорот со Грција. Во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма вечерва тој истакна дека за Република Македонија ќе биде многу подобро ако преку Парлемнтот се реши проблемот отколку да се влезе во нов изборен циклус.

Смета дека ако се оди на избори ќе се повтори дискусијата за референдумот и во нови 45 дена повторно главна тема ќе биде кој е за, а кој е против Договорот со Грција. Според него, изборите се ризик зашто може да го закопаат Договорот и меѓународната заедница, како што рече, да крене раце од нас. Очекува ВМРО-ДПМНЕ да продолжи да се однесува популистички, може и да се случи претседателот повторно да одбие да додели мандат и на крајот, рече, повторно можеби државата ќе биде во ќор-сокак.

– Избори за да дојдеме до решение ќе биде потешкиот пат отколку да се направат дополнителни напори наредната недела. Можеби и СДСМ треба од своја страна да направи разговори да види кои се тие работи што ги задоволува ВМРО-ДПМНЕ… На избори повторно ќе има жестока реторика на национална карта што, пак, нема да им остави простор утре да гласаат за истиот тој Договор. Тука, исто така, е проблемот со претседателот на Република Македонија кој знаеме дека еднаш не го даде мандаот и, најверојатно, може повторно да се случи со недавање мандат да ја пролонгира целата ситуација. Не сум баш сигурен дека ќе имаме ситуација од онаа што сака меѓународната заедница – да ја види  Македонија  во ново светло, рече Георгиевски.

Пратениците, смета тој, може да бидат заплашени, може да бидат под најразличен притисок, од граѓани, од држава, од власт, од партијата.

– Проблемот е што ВМРО-ДПМНЕ имаше елегантно решение, да повикаат да излезат граѓаните на референдум и да ги повикаат да гласаат против. Сега имаа повторно елегантно решение, да им дадат слободен избор на пратениците да гласаат како што сакаат. Ослободувањето треба да дојде од партијата, додаде Георгиевски.

Првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше сегашното раководство на таа партија за кое рече дека го копира претходното кое во 11 години, рече, го подигна проблемот со името, измисли антиквизација и квазинационализам. Сегашната ВМРО-ДПМНЕ со ставовите за Договорот со Грција не ја гледа иднината на Македонија туку својот партиски интерес.

За референдумот, рече, од ВМРО-ДПМНЕ слушал реторика како проблемот со името да не им е проблем, како да го измислеле СДСМ и како некој во Македонија да не сака да се реши на најидеален начин, а не дека со тој проблем, како што рече, се занимавале 30 години разни генерации политичари и разни влади со сите свои можности и обиди да го решат.

– Тие на проблемот со името му пристапуваат само од лукративни причини. Осетиле дека има доволно база на граѓани кои емотивно го доживуваат проблемот и длабоко се врзани со него и јаваат на таа карта. Не се размислува за ден потоа и што ќе прават ако дојдат на власт утре. Илузија е некој да мисли дека некој веќе ќе го смени тој договор.  Единствено што може да биде е овој ист договор да чека некоја нова влада што ќе го потпише, рече Георгиевски.

Во контекст на насловот од неговата книга што излезе деновиве, Георгиевски на прашањето каде оди Македонија, рече: „Мене ми е жал ако заглавиме со истата приказна што ја слушам. После изборите ништо нема да решиме и ќе си останеме една, за жал, дупка во центарот на Балканот. Сите народи ќе не претркаат, сите ќе одат напред, а ние овде ќе си останеме со нашиот национален патриотизам“.