Генералштабот тврди: АРМ не била инволивирана во настаните на 27 април


Генералштабот на Армијата на Македонија ги дематира информациите за каква било инволвираност на АРМ во случувањата во Собранието на 27 април минатата година, оценувајќи ги како груби дезинформации. ГШ на АРМ потенцира дека стои на располагање  да ги презентира сите податоци и да соработува со сите надлежни институции со што конечно ќе се стави крај на натамошни шпекулативни толкувања со кои се нарушува угледот на Армијата.

-Во врска со зачестените објави во одредени електронски медиуми, како и разни произволни толкувања од страна на лица кои гостуваат во дебатни емисии на националните телевизии, во кои се наведуваат инсинуации со кои упорно сака да се прикаже инволвираност во организирана форма на АРМ во случувањата на 27 април 2017 година, најенергично ги демантираме ваквите тврдења со напомена дека се работи за груби дезинформации кои се пласираат во јавноста. Ве информираме, дека како и секогаш досега, генералштабот на АРМ во потполност транспарентно ги пренесува сите свои активности и ангажмани и е на располагање во целост да ги презентира сите податоци и да соработува со сите надлежни институции за какви било информации за наводните тврдења со што конечно ќе се стави крај на понатамошни шпекулативни толкувања, се вели во соопштението од ГШ на АРМ.

Во досегашното постоење на АРМ, потенцираат од ГШ, во потполност се применуваат воспоставените принципи и постапки во хиерархијата и субординација во командувањето, при што се постапува согласно дадените законски надлежности и строго утврдени правила кои ја уредуваат оваа област.

-Преку пласирање вакви неточни информации се влијае на нарушувањето на угледот на АРМ и на чувствата на припадниците на АРМ, кои со својот ангажман постојано ги потврдуваат своите определби и грижа за територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, а со тоа да се влијае и на севкупната подготвеност на Армијата на Македонија, велат од ГШ на АРМ.