Касами и Гаши одново во битка за Беса, Реџепи: БЕСА припаѓа на своите основачи


Апелациониот суд донесе одлука дека Движењето БЕСА припаѓа на своите основачи, на своето членство, на своите органи и на гласачите на БЕСА, истакна генералниот секретар на Беса на Гаши, Скендер Реџепи.

„Правдата се враќа на своето место.  Апелациониот суд донесе одлука за поништување на првостепената судска одлука и предметот да се врати на разгледување во Основниот суд. Притоа, Апелациониот суд дава и десетина забелешки и препораки, кои Основниот суд не ги земал предвид во првостепената одлука, а ти се клучни за донесување пресуда за предметот. Затоа денес сум тука да ви кажам дека и покрај сите измислици, шпекулации и невистини – кои беа поттикнати од тие кои фалсификуваа и имиња на личности во нивна корист, сепак правдата дојде на своето место. Тие заборавиле дека идејата на БЕСА не може да се фалсификува и колку и да се напаѓа, дури и да се навалка, таа сепак останува автентична во својата автохтона татковина“, рече Реџепи.

Тој додаде дека „од  денес фалсификаторите, расколниците и вандалите на седиштето на БЕСА може да одат кај сакаат, бидејќи Движењето БЕСА припаѓа на своите следбеници“.

Во меѓувреме, Беса на Касами реагираше на одлуката на Апелациониот Суд Скопје, во корист на другото крило на Африм Гаши, која е спротивна на првостепената судска одлука.

„Фактот дека Апелациониот Суд примил фалсификувани докази, кои не се претставени во првo степена постапка, и ги примил документите со печат кој Движењето Беса го има прогласено за неважечки, докажува дека овој процес сега се трансформира во чисто политички процес. Јавно ги прашуваме судиите на Апелациониот Суд, што ги поттикна да донесуваат таква скандалозна одлука на денот кога се гласаше Владата? Дали учеството во Владата на одредени лица влијаело на нивната одлука, која може да се нарече сè, но не правна и законска одлука. „И покрај оваа скандалозна одлука, ве потсетуваме дека Движењето Беса сме ние и дека единствено лице овластено од судот е претседателот Билал Касами, и секој што ќе се обиде да го заобиколи овој факт на крајот ќе се соочи со неопходните постапки пред органите на правдата. “, изјави Абдуш Демири од Беса.

Беса на Касами информираше дека се во постојан контакт со меѓународната заедница. Ваквите судски одлуки, според неа, ја одалечуваат Македонија од целта да биде правна и праведна држава, ќе ја оддалечи од интеграцијата во Европската Унијата каде што правниот систем е еден од клучните столбови.