Гаши: Беса ќе стане прв избор за Албанците


Разочарани сме и ние и граѓаните од поделбата на Беса, но ако покажеме добри резултати со нашата работа во Владата, Беса ќе стане прв избор на Албанците, вели Африм Гаши, претседател на движењето Беса, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој вели дека соработката со ДУИ во Владата ќе биде тешка, а се надева и дека нивната партија во Собрание ќе расте.

– Треба да очекувате Беса да продолжи да зборува и да работи како што зборуваше и работеше претходните три-четири години. Ќе се залагаме за професионализација, високи морални вредности во општеството, за работа, еднаквост кон сите, да не се прави дискриминација по никаква основа. Министер во Влада на Република Македонија треба да биде министер на сите граѓани. Доверен ни е ресорот култура и ќе се залагаме нашиот министер и нашите луѓе таму да бидат инклузивни, да работат за доброто на сите граѓани – вели Гаши.