Габер-Дамјановска: Државата да вложи во обвинителствата исто како во СЈО


Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер – Дамјановска во интервју за Радио слободна Европа наведе дека во Обвинителството во Македонија нема доволно обвинители коишто би се бореле против криминалот затоа што државата не ги мотивира.

– Не знам колку е мотивирачки за луѓето да сакаат да се вработат во Обвинителството, не знам дали Обвинителството дало доволно можности и конкурси луѓето да се вработат. Актуелно мислам дека е проблем и со недостаток на стручни соработници. Еве ако речам и за обвинителите дека треба да изгубат време па да минат низ едукативниот процес на Академијата, стручните соработници може да се примаат на конкурс, не зависат од Академијата, така што и тоа би можело да се направи во блиска иднина – вели поранешниот судија во Уставниот суд.

Таа додаде дека и редовното обвинитество треба да има еднаков третман како СЈО и дека таму треба да се вложат средства.

– Сигурно дека и ресурсите, онака како што на пример Специјалното јавно обвинителство уште од самиот почеток ги имаше не се такви и на другото обвинителство. Можеби тука би требало да се зајакнат капацитетите, државата малку повеќе да вложи во другите обвинителски структури за да им помогне во функционирањето и вршењето на нивната работа и тоа е прашање на политика, којашто мислам дека подинамично може да се направи, само треба да се има волја – додава таа.