Вторпат „да“ за Северна
Само 27 минути му беа потребни на парламентарното мнозинство да ја изгласа ратификацијата на договорот за името со Грција. Со 69 гласа „за“, еден воздржан и ниту еден против, пратениците повторно му дадоа поддршка на договорот откако пред 16 дена првпат беше усвоен, но претседателот Ѓорѓе Иванов го врати без да го потпише. Премиерот Зоран Заев и вчера апелираше до Иванов да стави параф на законот, додека опозицијата, која ја бојкотираше расправата, го охрабри да не го прави тоа, заканувајќи се со кривични пријави и со затворски казни доколку договорот стапи во сила без потпис од претседателот на државата.
Додека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во 11 часот пред собраниските врати образложуваше зошто нема да влезе внатре, мнозинството се пребројуваше. Беа речиси сите тука, цел СДСМ, ДУИ со Али Ахмети, ДПА со Мендух Тачи, двете БЕСИ, Амди Бајрам… Недостигаше Зијадин Села, кој писмено најавил дека ќе биде отсутен, иако не се појави ниту во кривичниот суд на изрекувањето на пресудата против неговите напаѓачи. По пребројувањето (69 присутни), збор побара министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
„Конечната спогодба не само што не го загрозува македонскиот идентитет, туку и го реафирмира и го зацврстува како никогаш досега. Во практика, договорот ќе донесе етаблирање на идентитетот и ќе ја надмине вечната борба за јазикот, идентитетот, ќе влеземе во ЕУ, ќе се печатат документи на македонски јазик со македонски превод“, рече Димитров.
Тој потенцираше дека идентитет не се брани со антиквизација, а Устав не се брани со негово кршење, алудирајќи на одбивањето на Иванов да го потпише законот со образложение дека меѓународни договори во име на државата потпишува само претседателот. Димитров цитираше во кои случаи тоа смее да го направи и Владата, прецизирајќи дека прашањата од областа на економијата, финансиите, науката, културата, образованието, спортот, сообраќајот, урбанизмот, водостопанството… се регулирани и со договорот со Грција, поради што Владата е законски потписник. Изнесе податок дека од осамостојувањето досега, парламентот ратификувал вкупно 897 меѓународни договори, а само пет од нив биле склучени од страна на претседателот на државата: Договор за пријателство со Турција (1995), Декларација за пријателство со Турција (1998), Договор за пријателство со Украина (1999), Договор за државната граница со СЦГ (2001) и Договор за пријателство со Романија во 2002 година. За него е неточна забелешката од Иванов дека спогодбата шири страв и ја доведува Македонија во состојба на потчинетост кон Грција.
„Тоа е целосно правно неиздржано, бидејќи Македонија презела обврска да членува во ОН и да ја потпише Времената спогодба од 1995 година. Спогодбата со Грција отвора врати за членство во ЕУ и НАТО и тоа само ги потврдува нашата независност и нашата држава. Со преговорите досега, Македонија беше во услови на зависност. Договорот нè извлекува од таа зависност и нè носи во услови на независност. Време е да се најдеме на интересите на татковината и сите заедно мора да бидеме сплотени за татковинските интереси, а не за личните или за партиските“, заклучи шефот на дипломатијата.
Во ситуација на опозициски бојкот, улогата да биде каков-таков критичар на договорот ја презеде професорот Ферид Мухиќ, пратеник од редовите на власта, кој рече оти му е чест да биде дел од коалиција што прифаќа различни мислења.
„Едногласноста е лоша, секој треба да гласа според совеста. Јас сакам да ги запознам сите со моето лично мислење. Постојано ги нагласувате придобивките што ќе сме ги добиеле доколку го прифатиме договорот. Но, бесплатен ручек не постои. Промената на името е спротивна на Повелбата на Обединетите нации, досега никој од никого не побарал да смени име на држава и устав. Ова мора да се нотира, гласот на овој народ мора да се слушне и светот мора да знае на што се принудени оваа влада и оваа држава. Со спогодбата се создава погрешен впечаток дека сме украле нешто туѓо, дека сме фатени во кражба и оти со каење го враќаме на вистинскиот сопственик и дека тој е подготвен да ни прости“, нагласи Мухиќ.
Цитирајќи ја изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел дека „националното достоинство не може да биде предмет на никаков компромис“, пратеникот рече дека ќе гласа воздржано.
По него, никој не се јави за збор, се прејде на гласање, договорот беше ратификуван, а пратениците, без никаква еуфорија, за разлика од пред две недели кога се прегрнуваа и си честитаа, си заминаа. Единствено Артан Груби инсистираше да го сними лидерот Ахмети со мобилен телефон, а овој изнасилено повтори: „уриме, уриме“, односно „честитки, честитки“.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, пред неколку дена најави дека по прегласувањето, Законот ќе го испрати во „Службен весник“, макар и само со негов потпис, а така ќе постапи и со Законот за јазици, чиј указ Иванов, исто така, не го потпиша.
Договорот со Грција беше потпишан на 17 јуни во Псарадес (Нивици), на грчката страна на Преспанското Езеро. Според спогодбата, официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија или Северна Македонија (скратено име).
Со договорот се признава: македонски јазик, дел од група јужнословенски јазици, додека за државјанство е предвидено: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно со внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот, тоа ќе значи дека се отфрла. Конечниот збор за договорот ќе го имаат македонските граѓани на референдум, најавен за септември.
Горан Адамовски
ВМРО-ДПМНЕ: Правдата е бавна, ама ќе дојде
Од ВМРО-ДПМНЕ, чија пратеничка група не учествуваше во ратификацијата на договорот за името со Грција, уште еднаш повторија дека власта преку незаконска процедура и со грубо кршење на правните прописи сама го носи договорот со Грција, кој во својата суштина е противуставен и во спротивност со државните и националните интереси.
„Тоа што се прибегнува кон груба злоупотреба на прописите, злоупотреба на европското знаменце само за да се донесе овој штетен договор, е јасен показател дека власта, парламентарното мнозинство и премиерот Заев се свесни за неговата штетност и деструктивност, но и покрај тоа сакаат да го донесат.
Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да биде соучесник во капитулацијата, во кршењето на процедурите. Напротив, ние жестоко се противиме на сето ова. ВМРО-ДПМНЕ нема да биде соучесник и се противи на акт со кој се предвидува промена на Уставот со цел промена на уставното име. Акт со кој се определува бришење на зборот Македонија, се задира во суштината на идентитетот и се врши трајно осакатување на државотворните белези на државата и идентитетот на македонскиот народ. Ова не е нешто за што може да се слави. Капитулациите секаде во светот се срамен чин.
Воедно очекуваме овој противуставен акт да не биде потпишан од страна на претседателот на државата бидејќи негова прва должност е заштита на државните интереси и заштита на Уставот“, изјави генералниот секретар Игор Јанушев.
Тој предупреди дека објавувањето на овој договор без потпис на претседателот е кривично дело кое не застарува и за кое се одговара.
„Таквиот евентуален чин ќе претставува продолжување на грубата практика на кршење на процедурите и законите, сè со цел озаконување на нешто што не е законско. Правдата може е бавна, но треба да се свесни дека за секое кривично дело и кршење закони ќе се одговара. Реалноста, но воедно и пораката од Брисел, е многу јасна, без реални реформи, борби против криминалот и корупцијата, департизација на судството и други структурални реформи нема да тргнеме ни милиметар кон ЕУ. Ова јасно покажува дека не ни се потребни штетни договори, туку реални реформи, кои со СДСМ на власт нема никогаш да ги имаме“, истакна Јанушев.
Заев: Иванов да го потпише законот
Претседателот Ѓорге Иванов да го потпише Законот за ратификација на договорот со Грција, а референдумот тоа само ќе го потврди, апелира премиерот Зоран Заев. Одговарајќи на новинарски прашања, Заев напомена дека првпат по 27 години граѓаните добиваат шанса да одлучуваат за иднината на Македонија.
„Верувам во нашиот народ и во успешноста на процесот со кој ќе се гордеат многу генерации“, истакна премиерот.
Нарекувајќи го договорот фер и правичен, Заев напомена дека веќе е вторпат ратификуван. Следуваат референдум, уставни промени, а потоа и ратификација во грчкиот парламент, по што договорот и официјално стапува во сила, односно ќе почне употребата на новото име.
Во врска со пресудите за нападот врз Зијадин Села, премиерот беше дециден, дека тие значат само понесување одговорност за оние што го прекршиле законот и оти владеењето на правото мора да важи за сите. Во врска со барањето на пратеникот Мухамед Зекири, инспекциски служби да влезат во Исламската верска заедница и да го контролираат нејзиното работење, Заев уште еднаш повтори дека Владата сака да има соработка со сите верски заедници и оти секуларноста мора да се почитува, како и законите.
Адеми: Резултатот од референдумот мора да се почитува
Министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, изјави дека го поддржува одржувањето референдум за името и оти одлуката што ќе се донесе ќе треба сите институции да ја почитуваат. Според него, за тоа каков ќе биде референдумот треба да се договорат политичките чинители, односно сите партии кои учествуваат во политичкиот живот во Македонија ќе решат дали ќе биде задолжителен или консултативен.
„Како и да е, одлуката на референдумот, на крајот на денот, ќе треба сите институции да ја почитуваат“, посочи Адеми.
Министерот ја даде изјавата пред Македонската опера и балет, каде што беа промовирани трите нови проекти на Агенцијата за иселеништво: Прирачник за иселеници, Сликовница за изучување на мајчин јазик и веб-страница. Присутен беше и митрополитот на Европската епархија, владиката Пимен, кој рече дека неговиот личен став за тоа дали го прифаќа или не договорот со Грција ќе го каже на референдум. Изрази надеж дека ќе се одржи референдум, бидејќи, како што рече, се заговара бојкот.
„Самиот договор по себе е далеку од идеален, но тој не е нешто толку погубно како што се толкува во некои случаи. Луѓето тоа го доживуваат како предавство. Крајната инстанца, сепак, останува на народот, не само на политичарите, туку секој еден поединец затоа ќе има можност да се изјасни на референдум ‘за’ или ‘против’“, изјави отец Пимен.