Врвот на СДСМ ќе заседава за референдумот


Извршниот одбор на СДСМ, според информации од партиски извори, ќе заседава наскоро за да ја разгледа ситуацијата по референдумот и да ги утврди следните чекори, со оглед на најавените консултации со ВМРО-ДПМНЕ околу можноста за соработка за донесување на уставните измени што произлегуваат од договорот со Грција и од друга страна отворената можност за одржување брзи предвремени избори за пратеници.

Според информациите, планирано е најтесното раководство на владејачката партија да заседава уште вечерва во седиштето на „Бихаќска“. Од партијата нема засега потврда дека состанокот ќе се одржи вечерва, со образложение дека раководството на СДСМ редовно заседава и се координира меѓусебно.

По заседанието на Извршниот одбор не се исклучува да биде закажана и седница на Централниот одбор, за членовите на ова тело да го овластат партискиот лидер Зоран Заев да презема активности за разрешување на ситуацијата која настана по недоволниот одѕив на референдумот, со тоа што или ќе се постигне договор за соработка со опозицијата или ќе се поднесе иницијатива за распуштање на парламентот. Според наши информации, во владејачката партија има моментно рзалични размисливања околу тоа дали воопшто да се влезе во консултации со ВМРО-ДПМНЕ која работеше за бојкот на референдумот или веднаш да се бара поддршка од 61 пратеник за распуштање на парламентот и за излегување на вонредни избори во најкус можен рок. (А.М.М.)