Во Србија уверени: МПЦ може да заборави на автокефалност


Македонската и Црногорската православна црква нема така бргу, ниту лесно да добијат автокефалност, затоа што вселенскиот патријарх Вартоломеј сега води сметка да не ја сврти против себе Српската православна црква, која и е најблизок сојузник на руската црква, смета Регина Елснер, теолог и стручњак за православие од Центарот за источно европски и меѓународни студии во Берлин.

„Србија е веќе многу блиску до Москва и некои чекори, како на пример, автокефалност на МПЦ ќе значи дека руската црква ја губи СПЦ како поддршка“, оценува Елснер, а пренесуваат белградските медиуми.

Според неа, расколот на РПЦ со Цариград ќе ги охрабри „десничарите“ во руската црква, нагласувајќи оти нема да дојде до вечна шизма во православниот свет, бидејќи ова не е религиско, туку политичко прашање. Елснер вели дека позицијата на патријархот Вартоломеј е посилна од онаа на патријархот Кирил.

„Мислам дека вселенскиот патријарх има многу силна позиција поради меѓународната подршка, тој е познат и уважен. Рускиот патријарх, пак, има поддршка од руската држава и тоа значи многу, од пари па до моќ, но од друга страна изгуби важна меѓународна поддршка во последните месеци и години“, оценува Елснер.

Ватроломеј покрена процедура за давање автокефалност на Украинската православна црква што предизвика негодување кај Москва. Црковен Белград стравува дека следни на ред ќе бидат македонската и црногорската црква, кои СПЦ не ги признава.