Во Скопје вечерва не се дише


Во Скопје и вечерва степенот на загаденост на воздухот е на алармантно ниво. Најзагадена населба со највисоки концентрации на ПМ10 честичките е Карпош, каде се измерени 458, како и Ректорат со 417.

Во Лисиче концентрацијата на ПМ10 честички е 368, а во Гази Баба 360. Во Центар концентрацијата е 336.

Сите овие вредности се многукратно повисоки од нормалните и од дозволените. Мерка под 25 означува многу ниска загаденост, под 50 – ниска, под 75 – средна, под 100 – висока, и над 100 – екстремно висока.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, денеска изјави дека „постапката за чиста животна средина и за чист воздух не е постапка со филмска брзина, ниту, пак, настап во риалити шоу. Тоа е комплексна работа на која сите треба да се посветат, а и да се откажат од едни навики, доколку се сака да се има здрава животна средина“.

Една од мерките што се преземени, рече Шилегов, е затворање на печката на Дрисла, како и неколку изречени казни од страна на инспекторите кои се на терен и вршат надзор. Но, тој најави и нова мерки која утре ќе ја презентира на прес-конференција.

Министерот за животна средина, Садула Дураку изјави дека проблемот со загадувањето не може да се реши преку ноќ.

-Оваа Влада и Министерството за животна средина сакаат системски да ги решаваат проблемите. Проблемите не се решаваат преку ноќ и со волшебно стапче, вели Садула Дураку.