Во незнаењето е моќта, во простотилакот е силата


 

Звонко Давидовиќ

Некои луѓе дури и кога ќе се фатат за глава остануваат со празни раце. За жал, во денешнината среќаваме многу такви луѓе каде што царува промајата наместо умот. Најверојатно затоа сме меѓу првите по употреба, односно злоупотреба, на апчиња, особено за главоболка. Но апчињата не можат да ја пополнат празнината.

Примери за ваквите со празна глава и празни раце имаме на секој чекор и бројот на оваа популација секојдневно расте. На што се должи оваа аномалија, да не кажам фалинка или празнина во главите на посочените, е комплексно прашање, на кое многу малку му се посветува внимание. А би требало, затоа што во оваа аномалија лежи одговорот за тоа зошто ни е таква државата каква што ни е, зошто некој можел да им ги испере умовите и десет години да го следат пастирот воодушевувајќи се на грандиозните картонски згради, неуслужлива и неука јавна администрација, простаклак во сообраќајот и примитивизмот и провинцијализмот во секојдневното однесување.

Прво и основно е немање на домашно воспитување. Модерните родители се зафатени со работата и своите кариери и немаат многу време за своите деца, па наместо родителската грижа и воспитување овие деца од мали добиваат улична грижа и воспитување. Денешната улица, за жал, не е иста како некогаш, на неа не се играат плочка и ластик, сервис и баскет, се играат многу поопасни игри кои честопати ги чинат живот децата. Ластикот го заменија мобилни телефони, плочката пиштоли и ножеви, баскетот марихуаната. Родителската љубов е заменета со пари, па наместо внимание и љубов детето има пари, бесна кола на која не ѝ е дораснато и улица како другар и воспитувач. Во ретките мигови кога овие родители и имаат малку време за да го проведат со своите деца, родителската грижа се сведува на дадените совети од типот „парите го вртат светот“, „денес не вреди да си чесен, испаѓаш само глуп“, „без партиска книшка не можеш да се вработиш“…

Второ, но не помалку важно, е образованието. Денешното образование се сведува на врски и пријателства, на закани и статусната положба на родителите и тие се во директна врска со оценката, а не со знаењето. Знаењето е најверојатно застарена „комуњарска“ категорија. Денешното образование и образовните институции се по принципот на тобакo, односно ги има на секој чекор и можеш да си купиш набрзина она што ти треба. Некогашните универзитетски професори беа познати и признати и надвор од границите на тогашната Југославија, а денес нивните имиња често се познати едвај до Демир Капија. За учебниците и нивната содржина не сакам ни да зборувам, затоа што колумната би зафатила многу простор, а во јавноста овој проблем беше многупати елабориран. Замислете каков е односот на учителот или професорот со ученикот кога професорот доаѓа на работа со автобус или велосипед, а детето со најнов тип на „мерцедес“. Каква почит има ученикот кога неговиот мобилен телефон чини многу повеќе од месечната плата на професорот. Колку е во можност професорот воопшто да има влијание на ученикот кога за секоја поплака на малите неранимајковци таткото или мајката се закануваат со министерот, премиерот…

Трето, ниту младите ниту возрасните читаат книги и нивната надградба се должи главно на интернет и телевизија. Поразителен е фактот кој ми го кажа еден експерт од оваа област – дека во Македонија има само 700 редовни читатели а околу 10.000 повремени. Срамотно се празни нашите книжари, а се полни кафеаните. Во некои градови воопшто и нема книжара во која можете да купите белетристика а не учебници. Ужасно е кога ќе видите дека „Матица“ продава книги и за сто денари и организира промоции на кои овие со празна глава и раце се појавуваат за сликање, а потоа заминуваат без да ги погледнат книгите или не дај боже да купат некоја за сто денари. Во Москва сум бил сведок кога шест милиони луѓе сабајле заминуваат на работа со метро и секој додека патува има книга во раце и чита. Белград, Загреб, Виена, градови кои и не се толку далеку од нас, се градови во кои гледате луѓе кои читаат. Нивните книжари и библиотеки се секогаш посетени. Кај нас луѓето се гордеат кога ќе ти кажат дека последната книга која ја прочитале е „Дружината братско стебло“.

Четврто, младите немаат вистински херои и примери. Некогаш не така одамна херои беа луѓе кои се бореле за татковината и го дале животот за неа, луѓе кои нешто измислиле и направиле а со тоа го олесниле животот на милиони други, луѓе кои се образовани и признати во својата област, луѓе кои отскокнуваат од средината во која живеат и се одликуваат со добрина и доблест. Денес се херои криминалци, тајкуни, пробисвети и изопачени. Денес си херој и пример ако си насилен, развратен, себичен и нечесен, ако си украл или проневерил, ако си ја закопал државата во беда и сиромаштија, ако посегнуваш по туѓ живот и ако законите за тебе не важат. Некогаш тоа се викаше хохштаплер, а не херој.

Петто, неприспособливоста или провинцијализмот. Во денешно време миграцијата град-село, а особено миграција провинција кон главниот град е многу зголемена заради многу фактори и причини социјални, економски, политички, но во истите нема да заоѓаме и да ги елаборираме. Но неприспособливоста на провинцијализмот на новите услови кои владеат во новата средина е секако еден од факторите за нашата состојба. Навиките многу тешко се менуваат и секој го носи однесувањето и мирисот на местото од каде што потекнува што и не е никаков проблем, но проблемот почнува во мигот кога дојдениот се обидува да ја вгради провинцијата во новото место на живеење и кога се обидува старите навики да им ги наметне и на сите други во новата околина.

Најмал проблем е што дијалектот останува со години без да се обиде да го замени со литературниот македонски јазик, и покрај тоа што со години извршува највисоки државнички функции, а такви примери во минатото имавме. Проблемот настанува кога таквите типови се обидуваат да го сменат изгледот и душата на градот за кој ништо не знаат, ништо не им значи, ниту го чувствуваат за свој. Тогаш градот почнува да личи на циркус или панаѓур и секој негов симбол е уништен и повеќе ја нема душата која ја носел и полнел стотици години наназад. Само кај нас е можно да се обидеш да ја менуваш историјата и да му објаснуваш на народот дека е по потекло нешто друго а не она што е. Само кај нас пред влез на подземна гаража или паркинг се паркира возило без да се размислува дали некој треба да влезе или излезе од гаражата. Кај нас се фрла ѓубре од петти кат како што се фрла на селско буниште, а се пие пиво на клупа пред зграда на масиче донесено од дома како пред селска кооперација. Кај нас сè уште се отвораат влезните врати за да се излуфтира станот од зготвената манџа и се чуваат влечки пред влезната врата.

Ајнштајн бил во право кога рекол дека ниту една дрога, па дури ни алкохолот, не ги предизвикуваат фундаменталните болести на заедницата. Доколку го бараме изворот на сите проблеми, не би требале да ги тестираме луѓето на дроги туку би морале да ги тестираме на глупости, незнаење, алчност и љубов кон моќта.