Во населбите мора да има 60 отсто зеленило


Ќе се зголемуваат зелените површини за 60 отсто во новата населба која ќе се гради покрај Вардар на потегот од хотелот „Александар палас“ до Карпош 4. Советот на Градот Скопје вчера усвои три регулациски планови со кои се интервенира во Генералниот урбанистички план и се ограничува и се уредува поставувањето маркици за станбени и деловни објекти. Освен за овој потег во Карпош, Советот усвои и регулациски планови за делот кај кванташкиот пазар во Гази Баба, каде што се уредува пробивањето нови улици и уредувањето парцели во индустриската зона, како и план за изградбата на нови улици кај новата населба Александрија.

Градоначалникот Петре Шилегов посочи дека Градот Скопје во рамките на ингеренциите и законските можности има мала можност да влијае на уредувањето на просторот во Скопје, која ќе ја спроведе со донесување на 23 регулациски планови.

– На овој начин правиме доразработка на стандардите во ГУП и стеснување на просторот за манипулирање на општините во донесувањето на деталните урбанистички планови. Определуваме кој тип определени градби мора да ги предвидат и во кој обем, за да превенираме нехуманите објекти да го намалат квалитетот на живот во градот – рече Шилегов.

Тој објасни дека регулациските планови ќе обезбедат ред во урбанистичкото планирање на подрачја низ градот кои не биле урбанизирани или урбанизацијата била спорна и со нив ќе се гарантираат одредени стандарди на живеење, пред сè присуството на големи зелени површини.

Врз основа на регулацискиот план за потегот покрај Вардар и новите услови кои ги предвидува, Општината Карпош ќе мора да ги промени и деталните планови за оваа градска четврт. Со нив ќе мора да предвиди, освен поголеми површини со зеленило помеѓу зградите, и изградба на основно училиште и градинка. Ќе има и делови во кои целосно ќе се забрани градба и кои ќе мора да останат зеленило. На овој потег веќе се градат две нови згради, а важечкиот ДУП предвидува многу повеќе објекти отколку слободни површини. Сега, вели Шилегов, од „Палас“ до Карпош 4 ќе има најмногу зеленило по глава на жител во целиот град.

– Коригираме веќе донесени детални урбанистички планови, кои се закануваат трајно да осакатат делови од градот. Квалитетот на живеење мора да биде примарен, наспроти маркичките, катноста и бројот на станови, што беше лајтмотив во донесувањето на деталните урбанистички планови во изминатите години. На секој начин гледаме да ги искористиме нашите ингеренции за да го заштитиме просторот – рече Шилегов.

Сања Наумовска