Во Македонија 160 лица годишно го губат животот во сообраќајни незгоди


Во Македонија на годишно ниво околу 160 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а повеќе од 6.000 лица се повредени.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата по повод 18 Ноември – Светскиот ден на сеќавањето на жртвите од сообраќајни незгоди апелираат до сите надлежни институции да ја издигнат безбедноста на сообраќајот на врвот на агендата на дејствување, а учесниците во сообраќајот да покажат повисоко ниво на свест и одговорност во сообраќајот.

– Црната слика на патиштата можеме да ја промениме само ако секој поединец, учесник во сообраќајот, го даде својот личен придонес за побезбеден сообраќај, истакнуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според податоците на Светската здравствена организација, годишно во сообраќајни незгоди животот го губат околу 1,3 милиони луѓе, што претставува 2,2 проценти од глобалната смртност. Овие податоци покажуваат дека над 3.500 лица дневно умираат како последица на сообраќајни незгоди, а околу 140.000 лица се повредени. Од нив, дури 15.000 лица се здобиваат со траен инвалидитет. Годишно во светски рамки околу 400.000 млади лица на возраст до 25 години го губат животот во сообраќајни незгоди, односно околу 1100 лица секој ден. Според СЗО, сообраќајните незгоди претставуваат трета причина за смртност кај децата на возраст од 5 до 9 години и втора причина за смртност кај децата на возраст од 10 до 14 години и кај младите на возраст од 20 до 24 години, а прва причина за смртност кај децата на возраст од 15 до 19 години.