Во Кривичен суд рочиште за „Титаник“ без Груевски
Во Кривичниот суд во Скопје за денеска е закажано ново рочиште за случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство, каде меѓу обвинетите е и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија каде што побарал политички азил.
Одржувањето на денешното рочиште е неизвесно бидејќи Груевски неколку дена е недостапен за полицијата, а од понеделникот попладне тој се бара и со потерница заради издржување двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“.
Во „Титаник“ за злосторничко здружување и изборни нерегуларности освен поранешниот премиер Никола Груевски, обвинети се повеќе лица, меѓу кои и екс министрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и на минатото рочиште беа преслушани околу 70-тина аудио снимки предложени од Обвинителството. За случајот „Титаник“ СЈО има предложено над илјада бомби, а на досегашните рочишта преслушани се нешто повеќе од 800 разговори.