Во Кривичен рочишта за „Тревник“ и „Шпион“


Во Кривичниот суд денеска треба да се одржат рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тревник“ и „Шпион“.

Првообвинет во предметот „Тревник“, што се однесува на бесправна градба на куќи во Зелениково, е новинарот Драган Павловиќ – Латас. Обвинети во овој случај се и Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ.

Според обвинението тие изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење.

Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.

На минатото рочиште на обвинетите, на нивно барање, им беа доставени транскриптите од аудио разговорите по кои се води обвинението.

Во предметот „Шпион“ кој е од 2013 година, осудени се 18 лица за злосторничко здружување, шпионажа, уцена, измама и недозволено поседување оружје. Апелацискиот суд лани ги ублажи казните на обвинетите и ја преиначи првостепената одлука на Кривичниот суд.

Предметот „Шпион“ сега го застапува Специјалното јавно обвинителство, откако го презеде од редовното обвинителство.

Минатото рочиште за „Шпион“ беше одложено поради не присуство на првообвинетиот Маријан Ефремов на рочиштето.

Како што информираа неговите адвокати, Ефремов на 15 мај е хоспитализиран и задржан на болничко лекување.

Одложувањето на рочиштето беше на подолг рок за да им се овозможи на адвокатите да ги разгледаат дополнителните докази што на минатото рочиште ги достави СЈО.