(ВО ЖИВО) Заев ги образложува нацрт-амандманите на Уставот


Со образложение на нацрт-амандманните на Уставот од страна на премиерот Зоран Заев, попладнево продолжи собраниската Комисија за уставни прашања.

Претходно, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара седницата да се пренесува во живо.

Седницата на Комисија за уставни прашања може да трае 12 дена. Пленарната седница претседателот на Собранието Талат Џафери, кој истовремено е и претседател на Комисијата, ја закажа за 1 декември.

Собранието на 19 октомври со 80 гласови „за“ донесе одлука за пристапување кон уставни измени, согласно Договорот од Преспа. Осуммина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаа „за“ уставни измени.

Утврдувањето на нацрт амандманите на Уставот од страна на Собранието е втора фаза од постапката за измена на Уставот. Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас, додека третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.

Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови.

Собранието со најмалку 61 глас треба да ги утврди нацрт-амандманите, по што тие одат на јавна расправа, чие времетраење го утврдува Парламентот.

По оваа меѓуфаза, Владата треба да ги изготви предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

Предлог амандманите треба да бидат разгледани од Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.

Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.