Во Гостивар повторно се воведува зонското паркирање


Паркирањето по гостиварските сообраќајници и паркинзи од денеска се наплаќа. Општинската власт најавува толеранција за возачите во првата недела од повторното воведување на наплата за паркирање.

Со новиот систем на наплата, градот е поделен на две паркинг зони: “црвена зона” и “зелена зона”. За “црвената зона” односно централното градско подрачје, еден час паркирање чини 25 денари, а за “зелената зона” – периферија, паркирањето за еден час ќе чини 10 денари.

Паркирањето на возила ќе се наплаќа од понеделник до сабота, и тоа од понеделник до петок од 7 до 21 часот, а во сабота од 7 до 14 часот. Во недела и државни празници паркирањето нема да се наплатува.

– Во првата недела нема да се применуваат казнени мерки, што значи нема да се поставуваат блокатори или да се отстрани возилото со пајак-служба, но, сепак, бараме од граѓаните од денеска да се придржуваат кон правилата за тоа да им премине во навика и да не дојде до санкции, вели директорот на ЈП “Јавни паркиралишта и зеленило”, Музафер Зулбеари.

По поминување на „рокот“ за толеранција и привикнување, оние возачи кои нема да пратат соодветни смс-пораки, по блокирање ќе платат глоба во износ од 1.000 денари, а по повеќе од еден час возилото ќе биде отстрането од пајак-службата.

За јавните превозници, зонското паркирање не важи, а такси возилата и комбињата плаќаат надомест со добивањето на лиценца за вршење јавен превоз.

Новата раководна структура по преземањето на власта на локално ниво, ги раскина договорите за јавно – приватно партнерство за управување со паркирањето. Тие договори ги прогласи за штетни и коруптивни, по што објави оглас со нови услови. Во меѓувреме, речиси десет месеци, во Гостивар не се наплаќаше паркирањето по улиците и јавните паркинзи.