Во Гостиварско откриени 42 странски државјани со нерегулиран престој


Во две акции кои утрово ги спровела полицијата во гостиварскиот регион откриени се 42 лица кои непријавено работеле и престојувале во земјава. Повеќето се надничари (економски емигранти) кои најчесто се ангажираат по градилишта, фарми и физички работи.

Според СВР Тетово, по приведувањето лицата ќе бидат распрашани и ќе се утврдува како дошле во земјава и дали некои од нив се сторители на кривични дела за време на нивниот престој во Македонија.

Уутрово од четири до седум часот, во Гостивар е спроведена контрола за откривање странски државјани кои непријавено престојуваат и работат на подрачјето или го злоупотребуваат туристичкиот престој. Во акцијата биле проверувани неколку објекти на улиците „Беличица“ , „Мара Угринова“, „29 Ноември “, и „Борче Јовановски“. Откриени и приведени се 14 албански држвјани на различна возраст од 17 до 57 години.

Ваква акциска контрола е спроведена и во гостиварските села Чајле, Форино, Чегране, Неготино-Полошко, Дебреше и Добридол при што се откриени вкупно 28 албански државјани со нерегулиран престој во нашата земја, а поради што се приведени во Полициската станица Гостивар.

Приведените се нешто подоцна предадени во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и радмисија за натамошна постапка.