Во Брисел почнаа преговори за заемно признавање на дипломите на Балканот


Шест земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, почнаа преговори за заемно признавање на стручните квалификации на докторите по медицина, стоматологија, архитектура и на градежните инженери.

Состанокот се одржал во Брисел по покана од Регионалниот совет за соработка (РСС), оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и е дел од повеќегодишниот план за економска соработка усвоен од премиерите на балканските земји на Самитот во Трст.

– Нацрт спогодбата е заснована на уредба на Европската Унија за признавање на стручните квалификации и како таква ќе придонесе кон пристапувањето во Унијата, истакнал генералниот секретар на РСС, Горан Силановиќ.

Главните преговарачи од ресорните министерства од земјите на Западен Балкан, како што соопшти РСС, го усвоиле Акцискиот план и изразиле очекување дека спогодбата може да биде потпишана до средина на 2019 година, пред самитот на ЕУ со Западен Балкан, што следната година се одржува во Полска.

Со признавањето на стручните квалификации ќе се овозможи поголема мобилност на пазарот на труд на Западен Балкан.