Во администрацијата проблеми се решаваат со нож и стап


Во ист ден, во различни градови, двајца вработени во државни институции ја решавале нетрпеливоста со своите колеги со нож и со дрвен стап. Едниот инцидент се случи завчера во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги кога вработен почнал да ѝ се заканува на својата колешка, најпрвин вербално, а потоа и со нож. Случајот бил веднаш пријавен во полиција и оттаму најавуваат пријава против напаѓачот.
Според неофицијални информации на „Независен весник“, завчера попладне се случила караница меѓу двајцата колеги, а ножот се нашол во рацете на заканувачот од приборот кој вообичаено се користел за сечење овошје. Извори во Агенцијата велат дека не станувало збор за сериозен инцидент туку за кавга меѓу колегите. Но другиот напад што се случи во простории на Територијалната противпожарна единица во Охрид заврши со еден тешко повреден пожарникар и еден полесно повреден.
Двајцата пожарникари, кои секојдневно се соочуваат со опасни ситуации, настрадаа од свој колега. Според информациите од полицијата и Обвинителството, четириесетгодишниот вработен во Противпожарната служба завчера наутро дошол на работа и со дрвен стап нападнал еден свој колега удирајќи го по главата. Пожарникарот со тешки повреди и во животна опасност заврши во Клиничкиот центар во Скопје.
Но напаѓачот не завршил тука, туку во дворот на Противпожарната служба се сретнал со друг колега кого исто така почнал да го удира. Од силните удари тој паднал на снегот, а напаѓачот продолжил да го мава со клоци по телото. По овие напади, осомничениот избегал и се јавил на телефонскиот број 193, на кој граѓаните пријавуваат пожари. И на телефон им се заканувал на своите колеги. Разлутениот пожарникар бил приведен и против него е поднесена кривична пријава за тешка телесна повреда, насилство и загрозување на сигурноста и одреден му е триесетдневен притвор.
Кои биле мотивите на напаѓачот, засега официјално не е утврдено, но се претпоставува дека тој имал некои психички нарушувања. Професорот по социологија на Филозофскиот факултет Илија Ацевски вели дека вакви ситуации се очекувани во државните институции каде се вработуваат кадри по партиска линија.
„Сите фрустрации се одразуваат на психолошката состојба на поединецот. Во оваа заедница каде што живееме има негативна енергија особено во организации каде што напредувањето, или да се остане на работа, зависи од други фактори кои немаат врска со самата дејност и нема реална процена на вредноста на работата“, објаснува професорот. Независно колку некој од вработените се труди, колку е продуктивен, сепак неговата позиција зависи дали е приклонет кон некоја група која почнува да владее со институциите.
„Ако не сте во тие групации, вие сте никој и ништо, независно од вашиот труд и вредности“, вели Ацевски.
Засега во овие два инциденти не се гледа партиска заднина, но според толкувањата на професорот, кога вработените се ставаат на исто рамниште, тие го губат мотивот за работа и поради недовербата во институциите правдата ја земаат во свои раце со вршење физичко насилство.
Тој проблемот особено го гледа во државните институции кои се пренатрупани со администрација што се менува со доаѓањето на секоја нова владејачка гарнитура. Оваа ситуација, според Ацевски, се влошува и поради тоа што СДСМ кога дојде на власт одлучи да не ги отпушта партиските кадри кои ги вдоми минатата власт во институциите. Незадоволството сега е големо кај членството на владејачката партија кое го бара своето место во администрацијата, односно бара да добие награда за нивната „борба“ партијата да ја презеде власта.
Но пред новогодишните и божикните празници власта почна секојдневно да објавува огласи за вработувања во администрацијата. На последниот оглас за вработување се бараат девет раководители и четворица службеници во Секретаријатот за европски прашања со плати од 20 до 31 илјада денари. Периодов се објавија десетици огласи за вработување на стотици административци. Премиерот Зоран Заев тврди дека се вработува само таму кај што е неопходно и дека целта е ефикасна администрација.

Фросина Факова-Серафиновиќ