Воздухопловците на заедничка маса


Актуелни и поранешни директори од институциите од воздухопловството и директори на авиокомпании вчера седнаа на заедничка маса на неформален работен состанок по повод одбележувањето на двата јубилеи, 25 години членство во Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО) и 20 години членство во Еуроконтрол.

Каде била, а каде е сега Македонија на воздухопловната мапа разговараа оние што учествувале во резултатите кои македонското цивилно воздухопловство ги има постигнато. Тие, според директорот на Агенцијата Горан Јандреоски, се признати од Европската комисија и од Меѓународната светска организација за цивилно воздухопловство (ИКАО).

„Целта беше да се разменат искуствата од минатото кои покажуваат колку бил тежок патот да се дојде до сегашното ниво. Македонија сега има повисока оценка од просекот на земјите на ЕУ, за ефективна имплементација на препорачаните практики во цивилното воздухопловство. ИКАО ги прави овие оценски мисии на 7 до 10 години“, вели Јандреоски.

Пред македонскиот регулатор сега стои предизвикот за доекипирање со експерти. Новата систематизација што тоа треба да го овозможи веќе е на одобрување во Министерството за информатичко општество. (А.С.)