Возачите кои не добија налепници при регистрација не треба да стравуваат од казни


Возачите од Куманово, изминатите денови реагираа дека не добиваа налепници при регистрација на нивните возила. Тие стравуваат дека сообраќајната полиција ќе ги казнува поради немање налепници. Од МВР уверуваат дека возачите кои не добија налепници при регистрација на возилата овој период, не треба да стравуваат од казни, бидејќи полициските службеници ќе вршат увид во сообраќајната дозвола и нема да бараат возилата да бидат обележани со налепница за извршена регистрација, информираат од МВР.

Од МВР појаснуваат дека согласно одлуката на Одделот за граѓански работи при Министерството за внатрешни работи од 14.01.2019 година до донесување на измените на Законот за возила, во постапката за регистрација на возила по основ на прва регистрација и по основ на продолжување на важност на регистрација  на граѓаните нема да им се наплатува за налепница за извршена регистрација за 2019 година.

-Согласно истата одлука, при контрола на возилата во сообраќајот на пат, полициските службеници ќе прават увид во сообраќајната дозвола заради проверка на важноста на истата, и притоа нема да бараат возилата да бидат обележани со налепница за извршена регистрација за 2019 година со сина боја, се вели во одговорот на МВР.