Водостојот на реките се намалува


Водостојот на реките е во опаѓање, а водата на излеаните места веќе почнува да се повлекува. Од страна на единиците за локална самоуправа и јавните комунални претпријатија преземени се сите конкретни активности за нормализација на состојбата со излевањето на водотеците, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување.

Оттаму посочуваат дека во моментот нема потреба од ангажирање на силите и средствата на Дирекцијата за заштита и спасување доколку не дојде до влошување на состојбата и хидрометеоролошките услови.

Од Дирекцијата за заштита и спасување нагласуваат дека ќе ја следат состојбата и доколку има потреба, веднаш и соодветно ќе реагираат.

И од УХРМ информираат дека според податоците од хидролошките станици низ државата се забележува намалување на водостојот на реките. Исклучок се поединечни хидролошки станици кои се лоцирани во долните теченија на реките и кај кои е регистрирано извесно зголемување што според УХРМ е очекувано со оглед на текот на водата од горните делови на речните сливови низводно кон вливот во поголемите реки.

– Меѓутоа и овие зголемувања се незначителни така што се очекува нивно постепено стабилизирање. Во текот на денешниот ден се очекува врнежите да престанат и водостојот на реките низ земјава постепено да почне да се намалува, велат од УХРМ.