Водно ќе се брани со жив штит


Граѓаните ќе го бранат Водно со жив ѕид. Еколошките здруженија вчера споделија апел на социјалните мрежи со кој бараат волонтери кои ќе ја чуваат планината од багерите. Незадоволни од одлуката на Владата трасата на магистралниот гасовод кон Гостивар да поминува по сртот на Водно, екологистите најавуваат порадикални мерки за одбрана на заштитената парк-шума.

„Да го одбраниме Водно! Дојде време Водно да се брани на терен. Владата одобрува градење, багерите ќе работат. Ако сакаме да спречиме уште еден масакр и тоа најтежок досега, после сите кули, патишта, градови на Водно и во име на ‘подобра иднина за сите’, контактирајте нè со порака или коментирајте јавно. Секој, буквално секој, може да дојде горе, колку и да е тоа кратко, дали пеш, дали со автобус до Средно Водно, па со жичница до врв, а оттаму до Седло, каде што се багерите, сите сме потребни“, пишува на профилот на „Го сакам Водно“.

Граѓанските дежурства пред владините багери ќе започнат утре и ќе траат секој ден додека не се дојде до заедничко решение.