ВМРО не ја плаши можната „корпа“ од сестринските партии


Најпрво со внимателно одбрани зборови, а сега со директни обвинувања Европските народни партии (ЕПП) ги адресираат своите пораки до нивниот член ВМРО-ДПМНЕ. Се бара да покаже државност и да гласа за уставните измени во Собранието, со што Македонија ќе тргне во остварување на европскиот сон. Во спротивно, токму опозицијата би била одговорна за пропуштената шанса што ќе го заниша целиот регион, а не само Македонија.

Последен што упати такви предупредувања е еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој во интервју за австриски „Стандард“ вели дека е запознат со фактот дека опозицијата им се заканува на пратениците кои сакаат да ја напуштат партиската линија и да го поддржат договорот со Грција. Тој од ВМРО-ДПМНЕ побара да се откаже од деструктивниот пристап, а интересите на земјата и на граѓаните да ги стави пред партиските. Додава дека партијата целосно ќе ја сноси одговорноста за затворањето на вратите на ЕУ за Македонија, ако не помине договорот.

„Ова е целосно неприфатливо за партија која вели дека е проевропска, демократска партија“, изјавил Хан.

Тој потсетува дека евроатлантската интеграција е декларирана цел на ВМРО-ДПМНЕ, но дека партијата тоа треба да го докаже на дело и оти договорот со Грција ги отвора вратите за интеграција во ЕУ и НАТО. За еврокомесарот, референдумот е чисто консултативен и огромно мнозинство од граѓаните се изјасниле „за“.

„Повиците за бојкот сведочат за недостаток од демократската зрелост“, рече Хан.

Јоханес Хан смета дека предвремени избори носат ризик од пробивање на поставените рокови за договорот за името и вели оти се сомнева дали Грција ќе биде во можност да го усвои во својот парламент. Тој додава и дека нови избори не се гаранција за потребното двотретинско мнозинство. Нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде целосно одговорна за пропуштената шанса што е важна не само за Македонија, туку и за целиот регион.

Најголема групација во Европскиот парламент

Европските народни партии се најголемата групација на партии во ЕП и во Европа. ЕПП се основани во 1976 година со собирање на неколку демохристијански партии, а потоа им се придружија неколку конзервативни партии од десниот центар. Од 1999 година имаат мнозинство во Европскиот совет и најмногу претставници во Европската комисија. Нивен дел се ЦДУ на Ангела Меркел, УМП на Емануел Макрон, шпанската Народна партија, Форца од Италија на Силвио Берлускони, Фидеш на Виктор Орбан, грчката Нова демократија, хрватската ХДЗ… а од неодамна и СНП на Александар Вучиќ. Нема ниту една партија од Велика Британија, затоа што тамошната Конзервативна партија не се согласува со политичката програма на ЕПП. Поради тоа, во 2009 година како противтежа го основаше Сојузот на европските конзервативци и реформисти.

Во моментов, ЕПП има 274 од вкупно 751 пратеник во Европскиот парламент. Во септември годинава европските пратеници одобрија активирање на т.н. „нуклеарна опција“, односно да почне постапката за одземање на правото на глас во ЕУ за Будимпешта, за што гласаа две третини од нив, вклучувајќи и голем број пратеници од сестринската ЕПП, што беше изненадување за сите бидејќи солидарноста меѓу овие партии беше голема досега. Во мај годинава, ЕПП им се закани на партиите СДА и ХДЗ во БиХ да ги стават интересите на државата пред партиските и да ги донесат измените на изборниот законик. Дол им порача дека во спротивно ќе сносат санкции. По многу кавги и обвинувања, беше донесен нов изборен закон, кој, патем, и денеска е оспоруван, ама е во сила.

Опозицијата нема да гласа за уставните измени

Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека имаат разбирање за пораките што доаѓаат однадвор, но оти нема промена во нивниот став.

„За нашите партнери од ЕПП е најважно што спорот е решен на ваков или онаков начин. Но, тие не живеат тука. А, народот на референдумот го потврди она што го кажуваме цело време: договорот е лош, задира во идентитетот, историјата, јазикот, малцинствата… Сега ние со кој образ би оделе против народот? Остануваме на нашиот став, нема да поддржиме уставни измени со цел промена на уставното име“, вели функционер на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, не држат вода шпекулациите дека партијата ќе биде отстранета од семејството на европските народни партии.

„Нивна работа е да вршат притисок. Ние сме политичари, мора да знаеме да се носиме со тоа. Ќе помине“, тврди нашиот соговорник.

Пред неколку дена и германскиот парламентарец Јохан Вадефул од името на владејачката фракција на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, порача дека доколку уставните измени не поминат во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде директно политички одговорна за блокираниот пат на Македонија кон НАТО и ЕУ, како и за изолацијата на државата во Европа. ЦДУ и ВМРО-ДПМНЕ во минатото, особено до избувнувањето на скандалот со прислушувањето во 2015 година, имаа тесна и плодна соработка. Фондацијата „Конрад Аденауер“, која негува тесни врски со ЦДУ, со години ѝ помага на ВМРО-ДПМНЕ во обука на кадри, политичко советување и контакти со европските партии.

Се очекува сличните изјави од семејството на ЕПП да продолжат и наредните денови. Во зависност од фидбекот што ќе стигне од ВМРО-ДПМНЕ, во некои европски конзервативни кругови се размислува и за подиректна закана кон партијата која би предвидувала и суспензија на членството во ЕПП. Сепак, засега никој отворено не сака да ја коментира таа можност, а поради кусите рокови пред кои стои Македонија, прашање е дали би била реална опција во овој момент.

ЕПП: Нема веќе да ги коментираме

Европските народни партии во изјава за „Независен весник“ само кусо велат дека кажале сè што имале во врска со однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и неприфаќањето на договорот со Грција, со што е попречено остварувањето на европскиот сон за нашата земја.

„Претседателот Жозеф Дол нема да дава дополнителни коментари покрај тие во последните два што ги објави на Твитер“, велат од ЕПП.

Во нив, лидерот на европските десничари, Жозеф Дол, изрази разочараност од однесувањето на опозицијата во земјава.

„Треба да се донесе важна одлука за иднината на поранешната југословенска Република Македонија и на целиот регион во ЕУ и НАТО. Останувам разочаран од досегашната улога на опозицијата во процесот, конструктивноста мора да надвладее над бојкотот. Дијалогот меѓу оние на власт во ПЈРМ и опозицијата е потребен бидејќи ова е важен дел од демократијата“, напиша Дол.

Горан Адамовски