ВМРО-ДПМНЕ протестираше пред затворот во Шуто Оризари


ВМРО-ДПМНЕ смета дека Македонија го живее еден од најцрните и најнедемокртски периоди од осамостојувањето. Период на политички затварања, монтирани обвиненија и одмазда против секој што гласно се спротиставува на антидржавните политики, велат тие.

„Заев и неговата хунта со тоталитаристички методи се пресметуваат со сите оние кои вистински ја сакаат Македонија. Ги злоупотребуваат институциите и неправедно ги затвараат сите оние кои не се согласуваат со политиките на хунтата. Глумци, режисери, уметници и архитекти се притвараат за измислен тероризам само затоа што јавно говореа за распродавањето на националните интереси и за штетните државни политики кои во изминатиот период ги спроведува Заев и неговите послушници. Заев преку груба злоупотреба на полицијата и со жесток притисок кон судството и обвинителството спроведуваат класичен политички линч и сатанизирање на опозицијата, но и заплашување на интелектуалците, за да создадат бришан простор за редефинирење на државата и историјата и да ги срушат темелите на македонската држава. Сценариото е однапред напишано и добро познато. Затварањето и политичкиот прогон на пратеници, режисери, глумци и уметници има за цел да вреже страв кај македонците, дека секој оној кој ќе го крене гласот и нема да се согласи со антидажавните политиките на хунтата на Заев, ќе заврши во затвор или ќе биде затрупан со кривични пријави и обвиненија по нарачка на хунтата“, се вели во нивното денешно соопштение.

Во знак на револт против неоснованото и неправедно притворање и во знак на поддршка на жртвите на оваа хунта, ВМРО ДПМНЕ денеска беше организира протест пред Истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари.