ВМРО – ДПМНЕ ќе протестира до ослободување на притворените


ВМРО-ДПМНЕ бара итно ослободување на сите притворени за случувањата во Собранието од 27 април и најавува дека дотогаш ќе продолжи да протестира.

Опозициската партија препознава „реваншизам, тенденциозен атак и процеси на политички прогон“ во судските одлуки за притвор и домашен притвор кои денеска им беа изречени и на шестмина пратеници.

– Денес е уште еден црн ден за демократијата во Македонија. Хунтата под водство на Зоран Заев продолжи со притворање на сите што не се плашеа гласно да се спротивстават на антидржавните политики што СДС ги спроведува периодов. Бараме итно и безусловно стопирање на малтретирањата, теророт и изживувањето кое го прави СДС, рече вечерва на прес-конференција генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека пет проценти од овој собраниски состав се во притвор, оценувајќи дека тоа е тиранија, а не демократија.

„Со ваквиот начин на делување хунтата на Зоран Заев ги закопува сите можности за нормално функционирање на Собранието и институциите кои би требале да ја контролираат извршната власт. Ги закопува сите можности за дијалог и си обезбедува неконтролирана моќ“, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.